Со една просечна и една минимална плата во земјава, одвај може да се наполни потрошувачката кошница. За една година таа е потешка за околу 20 илјади денари. Тоа се пари за храна, пијалоци, сметки… Според последните податоци на статистика, просечната нето плата во земјава е нешто на 33.000 денари, минималната 18.000, а месечната потрошувачката кошница надминува 50 илјади денари. Од ССМ за Телма велат дека освен што треба да се работи на зголемување на платите, мора да се стопира и растот на цените. Инфлацијата е висока, а очекувањата се дека ќе биде двоцифрена и оваа година. Од друга страна пак сѐ уште е висока бројката на работници кои земаат минималец, но и на оние кои не добиваат просечна плата.

Се потешко оди исплатата на платите. Според податоците на УЈП, заклучно со 20 јануари за последните два месеци од претходната година, близу 68.000 работници не земале плата. Од УЈП велат дека за неисплатени плати веќе се доставени и опомени.

Спорес последните податоци на статистиката, најниска просечна нето плата во земјава е исплатена во кожарската, текстилната и дрвната индустрија. Највисоки се пак во компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности, во воздухопловен транспорт, производство на основни фармацевтски производи и препарати, и во финансиски и услужни дејности.