Кирил Десподов, кој игра како крило и центарфор за Лудогорец, во името на соиграчите од фудбалската репрезентација на Бугарија порачува дека им е „многу важен“ стартот во Лигата на нациите против Македонија на стадионот во Разград, каде што е домаќин неговиот тим.
„На 2-ри влегуваме во кампот. Целиот тим ќе се чувствува добро, бидејќи Лудогорец ќе обезбеди совршена база за тренинзи, совршен терен со совршена соблекувална, чист стадион. Да се надеваме дека стадионот ќе биде полн против Северна Македонија. Мислам дека условите ќе бидат совршени. Од нас се бара победа. Натпреварот е многу важен, сепак, играме против Северна Македонија. Сакам да кажам, ако некој не разбрал, во име на тимот, дека овој натпревар е многу важен“, неколку пати нагласи фудбалерот роден во Кресна, Пиринска Македонија, кој има 28 настапи пет гола за бугарскиот национален тим.
Натпреварот Бугарија – Македонија од Лигата на нациите ќе се одигра на 2 јуни на „Хувефарма арена“, со капацитет од 10.422 места за седење. Три дена подоцна избраниците на селекторот Благоја Милевски гостуваат и во Гибралтар, а потоа следуваат два меча дома – на 9 јуни со Грузија и на 12 јуни повторно со Гибралтар.
Ова ќе биде прво одмерување на силите со Бугарите на официјално натпреварување, а на досегашните седум пријателски средби „црвено-жолтите“ имаат две победи, една нерешена и четири порази.