ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во среда на 11 март официјално ќе ги објави листите со кандидати  за пратеници на изборите на 12 април.

Претходно кандидатите и носителите на листите треба да бидат потврдени на седница на Централниот комитет што ќе се одржи  на 10 март соопшти денеска на прес-конференција лидерот на партијата, Христијан  Мицкоски.

Деновиве, рече тој, привршуваат анализите во партијата и договорите со коалициските партнери, рече Мицкоски.

Коментирајќи го дополнителниот извештај на ЕК што беше објавен вчера, Мицкоски рече дека го прочитал и дека се согласува со него само во едно нешто, а тоа е барањето да се отпочнат преговори за влез на земјата во ЕУ, но потенцира дека тој ни оддалеку не ја отсликува реалноста во секторите што се наведени.

Дневните препукувања, префрлањето на вина, креирањето на поделби и конфликти нема да ја однесе Македонија кон посветла иднина.

Овие три години доживеавме стагнација во секое поле. Иновативноста, вложувањата во образованието, културата и сегментите кои би требале да се моторот на прогресивноста во една земја се запоставени. Имаме култура која стана предмет на политичка трговија, програми и пари кои се делат, не по квалитет туку по бизнис и политички мотиви, образование кое не е во фокусот на владата, и од кое започнува да се прави политика. А, губат младите и идните генерации, но најважно од се губи државата.

Мицкоски во продолжение ги промовираше мерките кои планира да се реализираат во областа на образованието и културата.