Казна од 10 години до доживотен затвор им се заканува на српските напаѓачи во инцидентот кај селото Бањска во Косово во кој загинаа косовски полицаец и тројца Срби , пренесува Н1.
Во хаосот по инцидентот има многу спротивставени информации за бројот на уапсени. Но, врз основа на соопштението на косовското обвинителство, може да се заклучи дека осудените се соочуваат со високи казни.
„На сторителот му се заканува казна затвор најмалку десет (10) години или доживотен затвор, доколку извршувањето на делото довело до смрт на едно или повеќе лица, се заканувало по живот на едно или повеќе лица, било придружено со тешко насилство или со големи уништување на размери или загрозени на економската и воената безбедност“, дознава N1.
Тие ќе одговараат за „тешки кривични дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово“, за „подготовка терористички дејствија или кривични дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово“ и за „неовластено поседување, контрола и држење оружје“.
По вооружениот инцидент, властите во Приштина обвинија дека станува збор за „криминална група“ која била „поддржана и финансирана од Србија“, барајќи казна и санкции од официјален Белград.
Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свеќља изјави дека Србите кои се судрија со полицијата „планирале да го дестабилизираат северот и потоа да прогласат автономија во близина на реката Ибар“.
Тој во интервју за „Еуроњуз Албанија“ изјави дека групата ја предводел потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ „по наредба на претседателот на Србија, Александар Вучиќ“.
Српскиот претседател пак изјави дека убиството на полицаецот на Косово е апсолутно за осуда и дека такво нешто нема оправдување. Тој во своето обраќање по инцидентот рече дека се случило она за што долго време предупредувал, а тоа е дека Србите се побуниле „не сакајќи повеќе да го трпат теророт на Курти“.