МЗТ Скопје нов рекордер во кошаркарскиот Куп на Македонија со 11 трофеи

Кошаркарите на МЗТ Скопје – Аеродром славеа со 89:73 против Феникс 2010 во финалето на јубилејниот 30. Куп на Македонија и избија на врвот на вечната листа со 11 трофеи, еден повеќе од Работнички.

„Немам зборови за ова финале. Сакам да им се заблагодарам на сите за честа во Македонија. Феникс го направи финалето големо, одигра доста добар натпревар, кој беше убав и за публиката, и за македонската кошарка. Горд сум на клубот, на мојот стручен штаб, на играчите на прво место и, секако, на навивачите. И ова е само прв наш чекор во оваа сезона, имаме уште две големи цели да оствариме и би му посакал на секој еден ден во животот да се чувствува како јас сега“, изјави тренерот Драган Николиќ, кој сега има две куп-титули во Македонија.

„Штрковите“ ја оправдаа улогата на фаворит против дебитантот во финалето уште во првата четвртина, која ја добија со 28:14, а ја потврдија со 18:14 бо последната, откако втората му ја препуштија на противникот со 23:20 и третата со 24:23.

Капитенот на МЗТ, Војдан Стојановски, го понесе признанието за најкорисен играч на мечот за куп-титулата со 23 индексни поени, благодарејќи на своите 16 поени (5/10 од игра, 4/4 од слободни фрлања), 8 скока и 3 асистенции за нецели 32 минути во игра.

Центарот на Феникс, Бојан Трајковски, беше најефикасен играч на средбата одиграна пред 2.000 гледачи во СРЦ „Кале“ со 22 поени, на кои додаде и 5 скока и 3 украдени топки.