МВР демантира – не постоела група на вибер, немало малтретирање на луѓе

Откако од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека постои Вибер група со наслов „XXX“, со зачленети над четириест полицајци, која служела како место каде што се правела координација за следење на членови на опозицијата, од Министерството за внатрешни работи одговорија дека се неточни сите обвинувања за координирање, следење, малтретирање и селективно попречување на слободата на луѓе.

Велат дека тие немаат креирано таква Вибер-група и дека во Прилеп или било кој друг град аткивностите не се координираат преку таква комуникација.

Во групата се споменува и намерно испраќање возила на технички преглед на луѓе од опозицијата, но проверката на статистиката на Министерството покажала дека ниту едно возило не било испратено на конкретниот ден.

„МВР веднаш започнува внатрешна истрага за утврдување на фактите, имајќи предвид дека Вибер-групи или графички прикази од Вибер-групи може да се креираат и изработат во секое време и од секого и имајќи предвид дека до МВР не е пристигната ниту една пријава од граѓанин за дејствија во Прилеп на денот на изборите, какви што беа презентирани на прес-конференцијата“ велат од Министерството за внатрешни работи.

Да потсетиме ВМРО-ДПМНЕ денеска објави дека поседува докази оти во групата активни биле и командири, началници и други полициски службеници од Прилеп, кои се договарале да прават проблеми на истакнати опозиционери во предизборието, односно додека во тек беше кампањата пред првиот круг на локалните избори.