Даниел Дени Мусовски, 24-годишен напаѓач на Лос Анџелес од американската МЛС-лига, прифати да игра за фудбалската репрезентација на Македонија.



Со фудбалерот роден во Хендерсон, Невада, чии родители се Македонци, стапил во контакт селекторот Игор Ангеловски и ако навреме добие и македонски пасош ќе биде повикан за ноемвриските натпревари во Лигата на нациите.

„Навистина ми е драго што Дени прифати да игра за Македонија. Имавме искрен разговор и го очекуваме во нашиот тим на следните предизвици во ноември. Ќе ја зголемиме конкуренцијата во офанзивниот дел од тимот и мислам дека ќе биде од корист за сите. Неговиот ефект во Лос Анџелес е одличен. Наша обврска е да се обидеме да ја зголемиме конкуренцијата во тимот со фудбалери кои ќе донесат квалитет и ќе придонесуваат за подобри резултати. Се надевам дека Мусовски ќе го донесе токму тоа во нашата селекција“, изјави Ангеловски.

На 11 одиграни средби сезонава за Лос Анџелес, Мусовски во најсилната американска конкуренција постигна четири гола, вклучувајќи ги и двата пред пет дена против Сиетл, кои заедно со едната асистенција му го донесоа признанието за МВП на 17. коло.