Локалните избори во Тетово завршија пред два дена, но не завршија фалбите на владејачката партија поради изборните резултати. Велат, се покажало кој е кој, ВМРО-ДПМНЕ се поразени, народот и граѓаните ги препознале европските политики, наспроти националистите и антиевропските сили. Навистина, ВМРО-ДПМНЕ доби помалку гласови отколку на претходните избори во оваа мултиетничка општина, како што впрочем добија речиси сите партии со исклучок на БЕСА која направи дар-мар и за една третина го зголеми својот гласачки куфер.

Но што е тука интересно, а не забележано од никој досега, еве не знам зошто? Во оваа голема општина, со население од сите националности кои кохабитираат во земјава, има 84 илјади запишани гласачи. А СДСМ освои нецели две илјади гласови. Или одвај нешто повеќе од два проценти од можните на овие избори. Партијата која е на власт веќе пет години, партијата која сето тоа време покажува и на збор и особено „на дела“ дека не е македонска туку мултиетничка, дека е единствена европска, инклузивна, слободарска, демократска, општо-широка и општољубена доби смешни и тажни 1930 гласови на местото каде што убедливо најмногу требаше да биде потврдена нивната политичка и животна философија. Побогу, зошто??? Како е возможно „националистите“ од ВМРО-ДПМНЕ да добијат речиси двапати повеќе гласови од „најграѓанската“ опција во Македонија? Како е возможно „националистите“ од ДУИ и БЕСА да добијат меѓу 4 и 5 пати повеќе гласови од партијата која „не ги дели граѓаните“ и донесе едно општество за сите? Логично ќе беше СДСМ, која ги освои срцата на сите со својата чудесна моќ за прикажување соживот, да ги ги освои и пенкалцата што заокружуваат имиња на изборите. Наместо тоа, само два отсто ја заокружија таа опција и си заработија чудесни два советника. Требаше и мораше да добијат барем 12, ако не и 16.

Што е работава? Дали во Тетово живеат „слепци“ и политички аналфабети? Дали огромното мнозинство се закоравени националисти? Македонци, Албанци, Срби, Турци, Бошњаци, Власи, Роми…како не почувствувавте барем малку од убавините што ги нуди најдемократската и најспособната партија која било кога битисувала на овие простори, а и пошироко? Како е возможно 98 проценти од вас да не го видат она што со голо око се гледа или барем она што секидневно ви го кажуваат Џабирите, Тричковците, Зокињата и останатите ботови на слободната мисла, тело и говор?

И што, по ѓаволите значи ова? Ако во таква средина добиле два отсто, колку ќе добијат во другите општини, каде не се гледа баш до толку феноменалниот успех на СДСМ во подигнувањето на животниот стандард, во реформите, во борбата со криминалот и корупцијата, во евроинтеграциите, во соживотот? И во зачувувањето на јазикот, идентитетот, историјата, се разбира.

Големо разочарување се тетовци, нема што. И уште поголема е најавата што ќе се случи на парламентарните избори, кога и да им дојде редот. Затоа, СДСМ мора да засили со европеизацијата. И со рекламите за зголемени плати и пензии. И со работата на заедничката комисија за историски и образовни прашања. Бидејќи во спротивно резултатот во Тетово може да биде и најдобриот што ќе им се случи во наредните години и децении. Скраја било!

Драган Милосављевиќ