Живко Мукаетов, претседател на Ракометната федерација на Македонија и на Управниот одбор на „Алкалоид“, главен спонзор на истоимениот суперлигаш и на прволигашот Мулти Есенс, на отворањето на новиот дом на двете екипи – целосно реконструираната спортска сала „Автокоманда“ – ги сублимира целите на клупскиот проект зад кој застанаа тој лично и македонскиот фармацевтски гигант.

„Пред година дена започнавме проект на визија, важен за македонскиот ракомет, основна цел е да се регрутираат млади таленти кои ќе ги научиме на добри човечки вредности и да имаме раст на мак-ракометот. Основна идеја и цел е да го шириме нашиот проект. Почнавме пред една и пол година, но ова кое сега го гледате е едно прекрасно чувство на млади луѓе посветени на спортот. Посакуваме да изградиме систем во кој сите ќе се вклопат и човековите вредности и растот ќе бидат на прво место. Нашата мисија ќе биде исполнета кога ќе го добиеме новиот Кире, Столе, Жути, Манасков. Кога ќе го постигнеме тоа, ќе може да кажеме дека тоа е тоа што треба. Градиме нешто добро за македонскиот спорт, за нашата држава Република Македонија, затоа што сметам дека тоа нешто е многу важно. Мора прво да веруваме во себеси, во тимот, во сите околу нас, мора да веруваме во Македонецот ако сакаме да направиме нешто како што треба“, рече Мукаетов на свеченото пуштање во употреба на салата со комплетно реновирани фасада, терен, осветлување, соблекувални, покрив, озвучување, трибина.

На настанот примиерно се емитуваше и промовираше клупските химна и видеоспот, како и новите дресови во сина и бела комбинација со кои РК Алкалоид ќе игра во втората полусезона од Суперлигата.