Мукаетов ги пречека младите ракометни херои: Горди сме на вас, тука сме за се што треба како федерација

Првиот човек на Ракометната Федерација на Македонија Живко Мукаетов приреди свечен прием за младите членови на нашата ракометна репрезентација.

Мукаетов се сретна со членовите на кадетската репрезентација на Македонија која успеа да го освои ЕХФ шампионатот во Рига, Летонија, откако во финалето триумфираше против Швајцарија. Избраниците на Раде Стојановиќ одиграа убедлив турнир, без пораз дојдоа до златото, а со тоа си обезбедија пласман на кадетските Европско и Светско првенство.

Мукаетов не можеше да ја скрие воодушевеноста од успехот на младите ракометари. Искажувајќи гордост на младите репрезентативци на Македонија тој ги поздрави со избрани зборови.

„Голема чест, голема работа, горди сме на вас што ја вративме Македонија во елитата. Вам ви претстои светла иднина, но многу да работите, заедно да градиме успех, ова е светска работа и многу сум ви благодарен“ порача Мукаетов.

“Ние сме тука за вас да работиме како федерација, да градиме успешна приказна. Ракометот е спорт број 1 во Македонија и да продолжиме да работиме како досега. РФМ ќе побара од УО ракометарите да бидат наградени со 700.000 денари. Уште еднаш ви благодарам и ви посакувам уште многу вакви резултати и успеси“, рече Муакетов пред младите ракометни херои.