Мухиќ: Барањето Бугарите да бидат во Уставот конститутивен народ еднаков со Македонците значи федерализација на Македонија!

„Според размислувањата на повеќе видни професори, наши соговорници на оваа тема, ‘повеќе конститутивни народи во една држава – значи федерализација и создавање нови проблеми наместо да се реши постојниот проблем’. Соговорниците сметаат дека само целосна примена на моделот на преамбулата од хрватскиот устав, за ‘национална држава на македонскиот народ и држава на припадниците на националните малцинства’, кои би биле наброени, е прифатлива за Македонија’!“ – се наведува во анализата со наслов „Еден конститутивен народ со повеќе конститутивни национални малцинства“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Хрватскиот образец на Уставот како можен модел за македонскиот Устав

Покрај другото, во анализата пишува: Викендов во јавноста беше изнесен предлог од опозицијата, која досега беше со тврди ставови за неменување на Уставот. Размекнувањето на нивната позиција дојде со од нив претставената алтернатива наречена „хрватски образец за нашиот Устав“. Тоа преточено во наши услови би имало клучна формулација „македонски народ и малцинства“ во државава, со што би се задржал карактерот на носителот на државноста да биде македонскиот народ. Сите преостанати „делови на народи во Македонија“ би ги имале сите највисоки малцински права според соодветните европски резолуции на Советот на Европа..

Според професорот Ферид Мухиќ, „моделот на преамбулата на хрватскиот устав е неприменлив како решение за бугарските барања за измени на македонскиот устав, зашто на Бугарите не им одговара таквиот пристап“. Мухиќ истакнува: „Бугарите не сакаат во македонскиот устав да бидат внесени како малцинство туку како конститутивен народ. Тие очекуваат измените што ги бараат да бидат во насока на целосна предефиниција на Уставот на Македонија, за Бугарите да бидат конститутивен народ еднакво како Македонците. Повеќе конститутивни народи во една држава – значи федерализација и создавање нови проблеми, наместо да се реши постојниот проблем. Само целосна примена на моделот на преамбулата од хрватскиот устав, за ‘национална држава на македонскиот народ и држава на припадниците на националните малцинства’, ккои би биле наброени, е прифатлива за Македонија. Но тоа не е идејата на барањето на Бугарија вградено во францускиот предлог. Овој модел нема да биде прифатен.“ – вели Ферид Мухиќ.

Со упорното наметнување да се внесат Бугарите во Уставот се нарушува основниот принцип на меѓународното право – принципот на суверена еднаквост

Претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров е категоричен дека „не треба да се излезе во пресрет на бугарските ултимативни барања за измена на нашиот устав во врска со внесувањето на бугарскиот народ“. „Етнички Бугари во Македонија, Албанија и Косово – нема. Не може да биде впишано нешто што не постои! Тие што се декларираат како Бугари во Македонија се врховистички креирани елементи и со нивно внесување во Уставот ние самите би си институционализирале ‘петта колона’ за бугаризација на македонскиот национален идентитет. Националниот идентитет не се сведува само на јазикот, туку во него се вградени историјата, културата, името на државата. А сите овие елементи, особено бугарската историја е целосна спротивност на македонската историја.“ – укажува Тодор Петров.