Во моментот, електроенергетската мрежа во земјава не може да издржи поголеми капацитети од ова што го поставивме ние како капацитет (до 6 киловати за домаќинствата и до 40 киловати за малите бизниси). Затоа што, според сите предвидувања и според сите проекции, очекуваме од домаќинствата и микро и малите компании, до крајот на следната година, да се инсталираат околу 150 мегавати фотоволтаични капацитети за производство на електричната енергија, рече министерот за економија во гостувањето во „360 степени“.

За ниската цена по која домаќинставата и малите бизниси ќе го продаваат вишокот од произведената електрична енергија (90% од цената по која ЕСМ и ја фактурира струјата на ЕВН), Бектеши рече дека целта на поставување фотоволтаици на куќите не е комерцијална туку да се намалат сметките и да се промовира зелената агенда.

Ограничувањето на капацитетот на фотоволтаичните системи до 6 киловати за домаќинставата и до 40 киловати за малите бизнис или буџетските корисници е поради капацитетот на електродистрибутивната мрежа во Македонија, одговара министерот за економија, Крешник Бектеши, на критиките на оваа тема. Со измените на Правилникот за обновливи извори на енергија што Министерството за економија ги донесе во јуни оваа година, инсталираната моќност на постројката за производство кај домаќинставата се зголеми од 4 kW на максимални 6 kW, а кај мал потрошувач, буџетски корисник и единка корисник се зголеми од 20 kW на најмногу 40 kW.

„Добивме податоци и од Електродистрибуција на Македонија и од МЕПСО во однос на капацитетот на мрежата за апсорбирање на електрична енергија која ќе се произведе од домаќинствата и малите компании. Во моментот, електроенергетската мрежа во земјава не може да издржи поголеми капацитети од ова што го поставивме ние како капацитет. Затоа што, според сите предвидувања и според сите проекции, очекуваме од домаќинствата и микро и малите компании, до крајот на следната година, да се инсталираат околу 150 мегавати фотоволтаични капацитети за производство на електричната енергија. Мрежата во Северна Македонија ни покажува дека ова треба да се прави во етапи затоа што не може да издржи како мрежа“,рече Бектеши во гостувањето во „360 степени“ на ТВ Алсат.

Во однос на доцнењето на измените во законот за градба со кои треба да се поедностави процедурата за поставување фотоволтаични системи, министерот Бектеши рече дека Владата ја завршила својата работа и дека сега на потег е парламентот, а таму опозиција ги блокира и забавува процедурите. Ако се усвојат законските измени, нема да има потреба да се добие одобрение од општината.

„Можеби (опозицијата, н.з.) има интерес да не почнат да се спроведуваат мерките за субвенционирање на поставувањето фотоволтаици на куќите, затоа што ние сме одвоиле средства за тоа“,рече министерот за економија.

Бектеши тврди дека во буџетот има пари за субвенционирање на поставувањето фотоволтаични системи и дека за активирање на програмата се очекува само усвојување на измените во законот за градба. Според она што министерот за економија го соопшти во јуни, средствата за реализција на оваа програма се во износ од 60 милиони денари (околу еден милион евра) и ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка за домаќинствата, на градба на која има право на споственост или користење, до 30%, но не повеќе од 62 000 денари по домаќинство.

За цената по која домаќинствата и малите бизниси ќе го продаваат вишокот струја што ќе го произведат, а која изнесува 90% од цената по која Електрани на Македонија и ја продаваат на ЕВН (во моментот 48 евра по мегаватчас), Бектеши вели дека не може да биде поголема.

„Целта на поставување фотоволтаици на куќите не е комерцијална и за бизнис-цели. Целта е да се намалат сметките и да се промовира зелената агенда или трансформација на енергетскиот сектор од конвенционален во зелен. Тоа е главната цел. Да бидам појасен за граѓаните – можноста на ‘нет метеринг’ како модел, да бидеш и потрошувач и производител, значи по цената по која ја купуваш струјата, по истата цена да ја вратиш. Ако некој има комерцијални цели, тогаш може на слободниот пазар да склучи договори со различни трговци“,рече министерот за економија.