Вчера имав прекрасен и толку необичен ден!
Го сретнав Че Гевара, партизанката Цвета измачувана и егзекутирана во близина на селото и дедо Кољо војводата (од четата на Чакаларов).
Сите во локалната гостилница на еден Македонец од селото Мокрени (Костурско).
Да чуевте само со каква љубов зборуваше за славните предци, за паднатите Илинденци и партизани од неговиот крај, за августовските средби на кои се пее и игра на македонски фолклор, за полицијата која ги тепала, ама сега дигнала раце од нив и ги остава на мира… И сето тоа на еден прекрасен македонски јазик од еден згоден маж, вистински фраер со репче, кој на рамето си го истетовирал ликот на Цвета.
Во неговиот малечок локал ќе видите неверојатна галерија на фотографии, слики и постери кои зборуваат за револуционерниот дух што го гаат овој човек и неговите соселани. Во Скопје бил еднаш, поодамна – на концерт на Ману Чао!
Си направивме муабет, не’ покани да му дојдеме на вечера, ама ние бевме тргнале кон Костур. Вели дека секој 15 август, на Голема Богородица, во Мокрени се собираат по 3 илјади Македонци од околните села на народна прослава. Помислив дека би сакала да го доживеам тој настан, бидејќи тие луѓе таму ми се чинат поживи и повистински Македонци од нас овде, зомбифицирани, апатични, кои си ги заборавиле и предците и борбата за Македонија/македонството.
Колку што ми беше топло на душата поради вредрината на тој човек и тетовираната Цвета и дедо Кољо – толку се чувствував посрамена. Можно ли е тие во Егеј и Пирин да се вистинските Македонци, а ние нивна бледа копија, изневерена верзија?
Фејсбук статус на професорката Билјана Ванковска