Можеме ли да летаме низ животот? – Пишува Д-р Пехчевска Поп Илиев

Секојдневно правиме одредени избори, секој час, секој ден, а со тоа си ја креираме и сопствената иднина. Дури и во овој момент, вие правите избор дали ќе го читате овој текст, дури и уште повеќе од тоа, дали нешто навистина ќе примените, или какви промени ќе направите во својот живот.

Навикнати сме да размислуваме, да анализираме па дури и да претераме во истражувањата кога носиме одредена одлука или правиме некаков избор. Така и не учеа дека треба прво три пати да премериме, за еднаш да пресечеме. И сигурно е дека е така, но зошто кога еднаш ќе пресечеме повторно се навраќаме и ја анализираме нашата одлука?

Доколку тоа често ни се случува, тогаш нешто ни укажува дека одлуките кои ги носиме не се во согласност со нашите вредности или верувања, па повторно сме во ситуација на преиспитување на своите одлуки. За да бидеме сигурни дека при секој избор, сме го избрале вистинскиот пат, потребна ни е јасна стратегија за прецизно и јасно да целиме.

Постојно слушам дека луѓето правејќи одреден избор, ги набедуваат своите родители, пријатели, колеги, блиски па и далечни, дека тие се виновни за изборот кој го направиле. Дека тие се вмешале премногу и влијаеле или пак не се вклучиле доволно при носењето на некоја важна одлука за нас.

Всушност, не сме во право. Не смееме да очекуваме било кој друг освен нас да биде креатор на нашата животна стратегија, на нашите избори па дури тие биле и банални. Секој кој влијае на нашиот избор има право само доколку ние му го дозволиме и му го предадеме кормилото за избор. Но сепак и тогаш, тоа е наша одлука.

Секогаш кога нема да успееме често се прашуваме зошто ни се случило тоа, каде е грешката која сме ја направиле попатно. Сите тргнуваме од иста точка, но разликата кај луѓето кои успеваат е дека тие имаат конкретна стратегија, јасно исцртана патека по која се движат. Тоа е единствената работа која можеме самите да ја контролираме и која зависи само од нас.

Основно нешто што ни е потребно за да ја креираме нашата животна стратегија е визија. И самите сме сведоци и често велиме за некој дека точно знае што сака и дека лесно одлучува. Тоа ни се случува секојдневно, кога избираме нови чевли, или пак избираме облека, односно секогаш кога имаме јасна визија.
Луѓето мора да имаат визија и многу јасно да видат каде сакаат да стигнат, за да може да тргнат по тој пат. Најважно е што некогаш тоа може да биде патот кон остварување на нашата животна цел.

Некои од нас, визијата ја креираат преку чувство, некои пак визуелно се гледаат себеси како ги исполнуваат своите цели, други се фокусираат на патот кој треба да го поминат. Секој човек различно искусува визуелизација и гради сопствен однос кон својата визија. Само доколку имаме визија, ќе знаеме дали сме на вистинскиот пат кон целта, колку далеку или блиску сме до неа и дали имаме сила да ги поминеме сите препреки кои евентуално би ни стоеле на патот кон целта.

Доколку немаме животна визија, веднаш треба да ја креираме. Еве прва помош со неколку прашања за да почнете да размислувате и креирате своја.

Што сакам да постигнам во животот?
Како изгледа она што сакам да го постигнам?

Какви чувства ми буди замислата за мојата исполнета цел?
Каде сум сега?

Колкав пат треба да поминам за да стигнам до целта?

Што треба да направам за да го поминам тој пат?

Мораме да бидеме искрени со себе. Тоа е второто правило на игра. Сите оние кои немаат јасна претстава за сопствениот капацитет, за своите вештини, за своето однесување и за своите желби, не се искрени кон себе. Само доколку доволно добро се познаваме себе си, можеме да си ја оствариме нашата визија.

Тоа е најмоќното оружје, познавањето на самиот себе си, на своите предности и мани, на своите недостатоци и јаки страни. Би можеле за почеток да ги напишете на хартија за си направите сопствена самопроценка. Така многу полесно ќе се огледате на своето ремек дело. Можеби ќе освестите нешто за кое никогаш не сте ни размислувале.

Трета работа која е многу важна во нашата животна стратегија е управувањето со својот живот. Дали сме доволни добри менаџери кои успешно управуваат со своите животи?

Доколку сѐ уште не сме сигурни дека успешно го возиме патот кон успехот, да се запрашаме, што ни е потребно (каков сет на вештини), за да управуваме свесно и намерно со својот живот.

Сите оние кои успешно управуваат со својот живот, свесно водат сметка за себе, за своето здравје, се грижат како изгледаат, како се чувствуваат, како се забавуваат, како се просветлуваат и постојано инвестираат во себе и во вештините за самоуправување. Свесни се дека самите си се најдрагоцениот ресурс за остварување на своите животни цели.
Четврта е способноста за одредување на приоритети.

Сите успешни луѓе поставуваат приоритети во справувањето со своите предизвици, исполнувањето на своите желби, уживање во своите задоволства. Сѐ она што е највисоко на скалата на приоритети мора да почнеме да го реализираме веднаш и тоа со максимална енергија.

Способноста за планирање е следниот чекор од нашата животна стратегија. Секој добар стратег точно ќе одреди план и ќе предвиди колку ресурси му се потребни за остварување на својот план.

Ова е многу важен дел и доколку немаме план за остварување на својата животна стратегија, веднаш да започнеме со креирање на така наречени годишни планови. Да го преточиме тој план во акциски план, но најважно е вистински да го усогласиме со себе.

Доколку самите не креираме повеќе, нема да добиеме повеќе. Ништо не доаѓа без да го побараме и без да бидеме подготвени да платиме за тоа. Со напор, труд, работа, љубов, упорност, откажување од некои задоволства, а пред сѐ со соочување на препреките кои самите си ги поставуваме заради нејасната цел.

Затоа многу јасно и прецизно треба да одговориме на прашањето – Што треба да направам сега за да го добијам она што ми е најприоритетно во овој момент?

Сега е моментот да ја донесеме својата животна одлука која ќе направи ред во нашиот живот и ќе продолжиме со леснотија да летаме низ него.

Пишува:
Д-р Мирјана Пехчевска Поп-Илиев, експерт за личен и организациски развој, професионален коуч, кариерен советник