ИКТ секторот во Македонија е најпосакувана дестинација за вработување со оглед на платите кои се над државниот просек и одличните бенефиции за привлекување и задржување кадар. Сепак, глобалните трендови покажуваат мали знаци на загриженост, особено што технолошките гиганти драстично ги кратат работните места. Од друга страна се зголемува и притисокот од останатите конкурентни региони во Европа и низ светот кои ангажираат ИТ професионалци.

Изминатата 2022 година ќе биде запаметена како една од поконтроверзните години во светски рамки. Физиономијата на македонскиот ИКТ сегмент остана непроменета, односно во огромна, ако не и апсолутна мерка (98 отсто) е извозно ориентирана, и е во директна зависност од светските економски текови и настани. Со оглед на тоа што 95-97 отсто од индустријата е сервисно ориентирана, а останатите 3 отсто се продуктно ориентирани насочени на домашен пазар, со определени незначителни исклучоци, индустријата е под директно влијание на глобалната економска состојба, смета Александар Убавков.


Тој е основач на македонско-швајцарската ИТ компанија ИГА, поранешен член на управниот одбор на МАСИТ и поранешен директор на реномирани интернационални и домашни ИТ компании. Со него разговараме за иднината на ИТ индустријата во Македонија и на глобални рамки.

Како би ја оцениле 2022 година за македонската ИТ индустрија, има ли раст, кои беа клучните карактеристики на секторот и што очекувате во годината што претстои?

УбавковНизата од фактори кои влијаеа на ИКТ сегментот во 2022 година се: крајот на КОВИД кризата и виртуелизацијата на работното место, конфликтот во Украина, кој се прелеа во демографски конфликт, кој резултираше со енегретска криза, за на крајот да заврши со економска криза и нарушен синџир на достава, а тука не смееме да ги заборавиме и кризите од претходните години кои го имаат оставено својот траг, како силицумската криза и трговските конфликти помеѓу двете економски велесили САД и Кина.

Потребата од инстантна дигитализација за време на КОВИД кризата резултираше со неконтролирано вработување, за да се одговори на предизвикот и квантитативно зголемување на човековиот капитал. Овие капацитети, во постковид светот компаниите (е-трговија, малопродажба и производство) не беа во можност да ги искористат за да продуцираат адекватно ниво на додадена вредност.

Во хронологијата на настани не можеме да ја изоставиме кризата на криптовалути, банкротирање на индустриските гиганти на крипто менувачници, што придонесе до огромна скепса кај инвестициските фондови и банките за развој. Сето ова резултираше со драматичен пад на акцииите на берзата, особено кај високотехнолошките компании.

Може слободно да се каже дека ИКТ сегментот во Македонија, за сметка на споменатите фактори забележа раст во првото полугодие на 2022 година играјќи улога на алтернативна дестинација, проследен со забавување во второто полугодие за сметка на економските фактори во западниот блок (САД, Велика Британија и ЕУ).

Очекувањата за 2023 година од моја перспектива се: благ раст во првите два квартали – период на стабилизација и забрзан раст во второто полугодие како потреба за економско – индустриски надомест за кризата. Особено валидно за македонскиот ИКТ сегмент како доминантно сервисно ориентиран е тоа што ќе се најдеме во преден план на развиените економии како дестинација за оптимизација на расходи, што ќе резултира со зголемен раст во второто полугодие.

Линк до целиот текст.