Москва се одмазди со иста мера – „персона нон грата“ за наш дипломат

Руска Федерација ја оствари заканата за реципрочни мерки против Македонија која пред дваесетина дена, во знак на солидарност со Велика Британија за случајот Скрипал, протера еден руски  дипломат од Скопје.

Поради тоа што Македонија во Москва имаше само еден дипломат, амабсадорот Гоце Карајанов, руските власти кои очигледно не сакале целосно да ја посрамотат македонската дипломатија, во дипломатската „одмазда“ го употребиле хрватскиот модел.

Како одговор на протерување на еден руски дипломат од Загреб, официјална Москва ја прголаси за персона нон грата, Рина Етеровиќ, шефицата на кабинетот на хрватската министерка за надворешини работи која што требаше да биде идна хрватска амабсадорка во Русија.

Кај нас, без никаква лична вина, настрада професионалната дипломатка  од кариера , Антоанета Рушкова Крчевинац од Министерството за надворешни работи, која од 1 април требаше да биде втор дипломат во нашата амбасада во Москва.

Така Рушкова е дипломатот врз кој се прекрши руско-македонскиот дипломатски спор и нема да ја претставува земјата во Руската федерација  со што во оваа земја-членка на Советот за безбедност на ОН  и понатаму остануваме со само еден висок дипломат – амбасадорот Карајанов.

Неофицијално дознаваме дека во Москва на почетокот на април заминал еден вработен со понизок ранг од МНР кој ќе ги води конзуларните работи во Амбасадата.

Министерството за надворешни работи досега не објави ништо за потегот на Русија и за забраната на Москва за вршење на дипломатска активност за Рушкова Крчевинац.

Македонија најпрвин објави дека протерува руски дипломат поради солидарност со Британија, а потоа дел од медиумите почнаа да објавуваат владини брифинзи дека протераниот руски дипломат подолго време се занимавал со шпионажа што Русија го отфрли како можност.