Полскиот премиер Матеуш Моравјецки во интервју за италијанскиот дневен весник „Стампа“ изјави дека на Полјаците и на Италијанците им е преку глава од диктатите на европската бирократија и сакаат вистинска демократија.

Тој нагласи дека обнова на Европската унија е целта што ја делат тој и италијанскиот премиер Џорџија Мелони, а таа цел може да се постигне со „враќање во идеолошките корени на ЕУ“.

„Европа на татковините, а не европска супердржава“, инсистираше Моравјецки.

Во врска со позицијата на Германија и Франција во ЕУ, Моравјецки рече дека „мора да се направи избор меѓу вистинската солидарност на еднакви земји и супердржавниот модел во кој одлуките се носат во неколку главни градови, додека другите земји се игнорираат“.

Тој предупреди дека во најдобар случај послабите земји би можеле да бидат маргинализирани, а во најлош случај европскиот проект може дури и да пропадне доколку ЕУ стане алатка за исполнување на амбициите на најсилните играчи.

„Тоа е или принцип на едногласност или тиранија на моќниците. Друг излез нема“, заклучи полскиот премиер.