Монструозна активност: Сите луѓе на Пендаровски

Екс советник на министерот за култура и висок државен службеник во повеќе влади на СДСМ ја анализира праксата на претседателот Пендаровски преку своите вработени во кабинетот да ги следи сите јавни коментари за него.

Златко Теодосиевски во текстот ,,Сите луѓе на Пендаровски” зборува за монструозна активност на шефот на државата само неколку години откако Македонија беше место на масовно прислушување.

Во продолжение целата анализа на Теодосиевски:

,,За некако да ја заокружам онаа „кошница“ викана политичка култура, а следствено, како нејзин „производ“, и она што го нарекуваме културна политика (а на којашто, сепак, и понатаму ќе се навраќам), мора да се постави следното прашање: од што зависи практикувањето на политичката култура во еден политички/идеолошки систем? Од многу нешта, се разбира, всадени како некаква политичка традиција односно историско искуство (ако ги има), од системот на вредности (пред сѐ културни, ако ги има!), од специфичните ставови за улогата на поединецот во системот (Almond и Verba, 1965), разбирањата на јавната функција и извршувањето на јавната служба (Cummings и Katz, 1987) итн. Без намера да предимензионирам некоја од спомнатите, а во отсуство на подолги политички и особено демократски традиции во Македонија, ние како да се „потпираме“ – ако воопшто и се потпираме на нешто! – главно врз личните разбирања на вршењето на јавната функција, па и на највисоките, на специфичната локално-провинциска „преработка“ на поимите јавна служба и јавен интерес и нивната најчеста замена викана личен и партиски интерес и служба и др. А сите овие особени лични „разбирања“ на нештата во голема мера зависат од степенот на образованието и културата на поединецот, познавањето на теоријата и особено праксата на/за политичките односно идеолошките системи, степенот на усвоеноста на демократските принципи итн. Тие што ќе ме потсетат дека ние сепак имаме Устав и закони, па дури и некаков кодекс на однесување на јавни службеници – што ќе рече: документи што го условуваат и корегираат однесувањето на поединецот во власта – ќе мора да објаснат кога, во кои случаи и како, некој од највисоките државни функционери во последниве петнаесетина години, и не само тие, испочитувале која и да ѐ одредба од спомнатите прописи. И тогаш, низ тоа одамна констатирано самоволие, на политичката сцена најчесто стапува оној веќе спомнат Weltanschauung односно светоглед – на поединецот или групата/партијата – за политиката, за демократијата, за моралот, за етиката, за културата… за секојдневното однесување, дури и на највисоко државно рамниште.

Ние де факто секојдневно се судираме со политичко самоволие спротивно на основните демократски принципи, а често и на законските прописи, но тоа престанавме и да го коментираме разбирајќи го само како локален политички фолкор. А не е, тоа никако не е политички фолклор туку грубо прекршување на современите демократски правила на однесување на високи државни функционери. Не така одамна претседателот на Собранието ја напушти седницата за гласање доверба на Владата со „образложение“ дека не се согласувал со точката на дневен ред! И тоа помина така, лефтерно, несанкционирано, небаре станува збор за некаква маалска детска игра. Ако такво однесување со целодневно самоволно напуштање на работното место му е дозволено на вториот по ранг човек во државава, тогаш за каков државен, правен и демократски систем говориме? Ако екс-премиерот на 31 октомври изрично поднесува две неотповикливи оставки, а ги реализира во пракса речиси цел месец подоцна купувајќи време да „досреди“ некои нешта, за каков однос кон јавноста, па и државата говориме?

Пред само 5-6 години бевме сведоци на најмасовното и најбезочното прислушкување во државава спроведено исто така со знаење и наредби од највисоки државни функционери. Светот беше вџашен од случувањата во Македонија во 21-от век. Но, тоа заврши како што заврши, односно остана без сериозна завршница, во стилот „се тресеше гората…“. Ама сите викавме – никогаш да не се повтори, не само тоа туку и целиот систем на таканаречена „заробена држава“. Само една година подоцна се најдовме во друг „систем“, од странците наречен „хибриден режим“. Многумина јавно посочуваат дека разликите се минимални, ако воопшто ги има. Ова како да ни се потврдува деновиве слушајќи го претседателот на државата како буквално се фали дека има „тим на луѓе кој секое утро го информираат претседателот за пишувањата на социјалните мрежи“![1] Па нели ја научивме лекцијата, или ова треба да се смета за некаква „мека форма“ на следење бидејќи станува збор за јавни коментари? Можеби, разликата е голема, ама битна е суштината, важен е „тимот“ и идејата за следење! Или – не? Се разбира, ние можеме да се правиме малоумни и да говориме дека и тоа е дел од политиката, како што многумина мислат и за онаа платена сурија кербери на власта што ве демне на секое ќоше на социјалните мрежи. Ама тоа не е баш така, тоа не е и не може да биде политика, не е и не може да биде дел од современата демократија. Ќе праша ли некој: што е следното? Зашто, извинете, но многу тенка е границата, мал е чекорот што може власта да ја одведе во некои други зони на самракот. А впрочем, кој е тој „тим“, зошто никој не ни ги кажува тие „специјалисти“ па барем да имаме можност да ги блокираме на социјалните мрежи? Оние керберине веќе ги научивме па можеме да се справиме со нив ако посакаме. И кој го плаќа „тимот“ – се разбира: ние – и зошто тој треба да биде на товар на јавните, буџетските средства што се уплаќаат на сметката на кабинетот на државата? Иако, во случајов, тоа би била најмалата грижа на едно демократско општество. Сите други потенцијални релации со оваа и вака замислена и формулирана „активност“ на претседателот на државата се монструозни и нѐ враќаат во некои времиња што мислевме дека сме ги надминале!

П.С.

Сигурен сум дека филмофилите ќе ја препознаат врската на насловот на овој тескт со истоимениот филм од далечната 1976 година. За оние кои се помалку упатени во филмот, ќе појаснам: таа година (1976) е снимен филмот насловен All the President’s Men (режија Алан Пакула, сценарио Вилијам Голдман, гл. улоги Дастин Хофман и Роберт Редфорд) а темата е Аферата Вотергејт. Кој како сака нека ја толкува „врската“ на овој филм со нашето секојдневие – денес или вчера – но некои нешта мора да се знаат, ако не од синеастичка тогаш од политичка култура!

Извор