Монпелје го скроти надојдениот Вардар

По ремито и двете врзани победи, ракометарите на Вардар не само што не ја продолжија успешната серија во почетокот од сезоната во Лигата на шампионите, туку беа целосно надиграни и убедливо поразени со 31:25 од Монпелје во Скопје.

Гостите од Франција најавија дека ќе се вратат со целиот плен од арената „Јане Сандански“ уште во првото полувреме, кое го добија со 15:11, а нивната доминација во дуелот на двократните европски прваци ја илустрира и фактот дека домаќинот не поведе ниту еднаш!

Тимур Дибиров беше најефикасен во вардаровиот напад со 7/10, пред Жереми Тоту со 6/8, а прво име на средбата беше противничкиот голман Бонфоа, кој забележа 12 одбрани.

Првиот пораз ги чинеше „црвено-црните“ пад од делба на првото место дури на петтото со пет бода, а во следниот круг на 19 октомври е реваншот во Данска со финалистот во ЛШ минатата сезона Олборг.