Министерството за надворешни работи на Бугарија изрази жалење што заклучоците на Советот на Европската унија за процесот на проширување, стабилизација и асоцијација беа блокирани од Чешка и од Словачка.

„Ветото врз заклучоците на Советот ризикува да го наруши кредибилитетот на ЕУ и ја спречува Унијата да ги испраќа толку потребните сигнали до Западен Балкан, поврзани токму со потребните реформи што земјите аспиранти треба да ги преземат.


Како една од земјите-членки што ја поддржува политиката за проширување, Бугарија би сакала да го охрабри Советот конструктивно да се справи со моменталната состојба со цел да ги усвои заклучоците на Советот под сегашното претседателство на Советот на ЕУ“, се вели во соопштението од министерството на Екатерина Захариева.

„Заклучоците на Советот на ЕУ за проширување немаат никаква врска со процесот на одобрување на рамките за преговори за Република Албанија и Република Северна Македонија. Бугарија ја поздравува рамката за преговори за Албанија и го поздравува дополнителното време предвидено за подобрување на рамката за Република Северна Македонија“, појаснуваат од бугарското МНР.

Чешка и Словачка претходно го објаснија својот став преку заедничка изјава на министрите за надворешни работи на двете земји.

„Нема да дозволиме Европската унија да биде судија за нашата заедничка историја, како се идентификуваме или на кој јазик зборуваме“, велат во изјавата шефот на чешката дипломатија Томаш Петричек и неговиот словачки колега Иван Корчок.