Многу пред Втората светска војна во Бугарија излегувал фашистички весник (ФОТО)

Македонските медиуми и граѓани на социјалните мрежи грешат ако тврдат дека Бугарија сега е фашистичка држава.

Но, нема да згрешат ако кажат и напишат дека во својата историја имала луѓе и организации кои биле фашистички, и тоа многу пред бугарската окупација на Македонија за време на која во фашистичкиот конц-логор Треблинка се депортирани речиси 7.200 Евреи, од кои најголем дел таму умреле.

Фашистичките појави во Бугарија, како што покажува овој пример, не се врзани само за периодот по 1 март 1941, кога е потпишан договорот со фашистичкиот Троен пакт, туку многу пред Втората светска војна.

Цели 12 години пред Бугарија да стане дел од фашистичката коалиција, на 35 години од раѓањето на царот Борис Трети, во Софија излегува весник со име „Бугарски фашист“.

Весникот го издава Сојузот на бугарските фашисти или поранешниот Сојуз на борци, како што пишува во весникот.

Бројот од 6 февруари 1929 година е посветен на 35 години од раѓањето на царот Борис Трети, кому му е посветен уводникот.

Првиот број на органот на Сојузот на бугарските фашисти, кој излегувал од печат легално, е отпечатен 4 години пред во Германија на власт да дојдат Хитлер и неговите национал-социјалисти, односно фашистичката партија која ја предизвика најголемата несреќа на 20 век.

Годишната претплата за 52 броја, односно за една година, била 50 лева а за во странство 100 лева.

Издавачите нуделе и реклами кои можеле да бидат објавени во неделникот со формат 455 на 320 милиметри.

Сегашните Бугари не треба да сносат лична одговорност за нивните предци кои што биле дел од најголемото зло на човештвото, освен оние кои ден денеска ги слават фашистичките актери од пред 80 и повеќе години.

Државата Бугарија во исто време не смее да ги доживува како говор на омраза историските факти според кои во оваа земја членка на НАТО и ЕУ некогаш имало живо фашистичко движење.

Поврзано

Име, ЕУ, стратегија, Бучко, катастрофа… (ТВИТ НА ДЕНОТ)