„Во 2001 година Македонија ги амнестира припадниците на ОНА за агресијата врз државата и воениот судир, но политичката групација што произлезе од некогашната ОНА, олицетворена во партијата ДУИ, сиве изминати години и децении се движи по работ на законот, веројатно мислејќи дека се амнестирани и за постојаното изигрување на правната држава во сиве изминати дваесет и повеќе години.“ – вели новинарот Менде Младеновски во својата колумна со наслов „Правна држава во заложништво“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, Младеновски пишува: „Политиката одамна е вгнездена во македонското правосудство, па затоа имаме случаи кај нас некои лица да не одговараат и за тешки злосторства, како што беа хашките случаи или голем број случаи за организиран криминал. Раководството на ДУИ не одговараше ниту за четирите хашки случаи, против ДУИ немаше ниту една објавена таканаречена ‘бомба од прислушуваните разговори’, а јавноста не памети ниту еден поведен случај против некој припадник на оваа групација. Или партијата е безгрешна, или оние што треба да ги спроведуваат правото и законите се грешни.“

„Јавноста во Македонија ја стрефи нов скандал, дека синот на собранискиот спикер Талат Џафери, Барлет Џафери, во времето кога Министерството за правда го водел Аднан Јашари, кадар на ДУИ, положил правосуден испит пред да го заврши Правниот факултет. Наводно, Јашари тогаш имал дискреционо право и му дозволил на Џафери предвремено полагање, но сега во Министерството не може да се најдат документите, бидејќи се уништени. ‘Поради тоа и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) не може да отвори предмет за случајот со синот на Џафери, бидејќи Министерството за правда не ја чува документацијата.’ – вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.“

„Кај нас и порано имало недопирливи луѓе, но сега нивниот број е драматично зголемен и тој број од ден на ден расте. Особено загрижува немањето волја во битката против криминалот, кој потекнува од врвот на политичките структури. Поради тоа се доведовме во ситуација довербата во правосудството да биде рамна на нула и за тоа постојано да ни укажуваат странските амбасадори.“