Мизериите на надобудниот министер – пишува Горан Момироски

За 30 години кариера сум слушал и гледал секакви министри. Вредни а скромни. Ефикасни а корумпирани. Разбојници со успех во ресорите што ги воделе. Слаткоречиви корумпирани измамници. Успешни а фалбаџии.

Го слушам деновиве министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, му се восхитувам и не знам како да го класифицирам.

Дали како неискусен и неподготвен за функцијата. Дали како симпатичен манипулатор кој мисли дека може сите да ги излаже. Дали како наивен оптимист, или како слаб карактер што не може да каже не на својот шеф.

Можеби најдобро како мизерен манипулатор и неуспешен министер во обид.

Колку само е восхитен од самиот себе си и од неговата партиска позиција.

Во Македонија се реконстурирале патишта како никаде, се граделе капитални проекти како никогаш, се помага на граѓаните, се работи на економијата…. Бла, бла, бла…

Да одиме со конкретните манипулации на министерот Бочварски:

Манипулација број 1.

Министерот на прес конференција настапува како Благој Бочварски, Претседател на Комисија за транспорт и врски на СДСМ и зборува како партијата а не институциите да ги спроведуваат патните проекти. Како СДСМ од својата партиска каса да ги дава 70 милиони за наводната патна инфраструктура која наводно ќе ја реконструирал младиот министер кој додека беше градоначалник на Штип се фалеше со 1 километар направен пат што во практика се 1000 метри.

Манипулација број 2

А) Бочварски вели дека во тек е имплементација на капиталниот проект за изградба и санација на локални патишта и улици во општините, со кој СДСМ обезбедува подобра инфраструктура во општините и го олеснува животот на граѓаните. Не кажува дека македонските патишта без разлика кој е на власт мораат да се реконструираат по одреден период затоа што сите ќе изгинеме ако тоа не се случува. Капитален проект жими ашим.

Б) Бочварски намерно не кажува колку точно километри патишта ќе видат изградени а колку реконструирани.

Манипулација број 3

Бочварски како шеф на партиска комисија вели дека со 70 милиони евра директна помош за општините во наредниот период планираат да реконструираат околу 450 километри локални улици и патишта во сите 80 општини во државата.

Овде има неколку поврзани манипулации:

А) Директната помош не е во реконструкција на патишта за општините туку во директна финансиска помош која владата ја дава на своите луѓе што ги водат општините за да го тресат “возот што стои” со цел граѓаните да мислат дека возот се движи.

Б) Фразата “наредниот период” не случајно не е прецизирано затоа што Бочварски според тоа што го зборува планира овој наводен капитален проект да го тера најмалку до 2025 година една година откако ќе се случат наредните редовни парламентарни избори.

В) Кога Бочварски зборува за 80 општини, 450 километри и 70 милиони евра некому неупатен може да му зазвучи сериозно но реално се работи за потценување на граѓаните. Во превод тоа значи дека за 5 години во секоја општина ќе се реконструираат по нешто повеќе од 5 километри, односно по еден километар годишно. Колку што Бочварски направи и со тоа се фалеше во Штип.

Г) Или уште попросто за 5 години СДСМ има план да реконструира 450 километри или нешто над 3,5 % од целата македонска патна мрежа. Тоа значи дека Бочварски и СДСМ нема да допрат над 96 % од македонските патишта во истиот период.

Манипулација број 4

“Со првиот повик опфативме 17 општини и реконструкција на 27 улици со вкупна должина од 23,62 километри, вреден преку 4 милиони евра. Во завршна фаза е вториот повик, за овој проект со кој започнува реконструкција на 35 улици во 21 општина, со вкупна должина од 35,5 километри, со вредност од околу 7 милиони евра, а во тек е подготовка на трет повик, со кој треба да се опфати реконструкција на дополнителни 60 километри локални улици”, вели Бочварски но заборава да каже дека во првиот повик се работи за просечно реконструирани по нешто над 800 метри на тие 27 улици во 17 општини. Во вториот повик станува збор за улици во должина од околу 1 километар. Дури и да се тие новоизградени а не се, пак се работи за мизерија.

Манипулација број 5

Бочварски вели дека СДСМ активно работи на реконструкција на улици во општините Карпош, Ѓорче Петров, Тетово, Кратово, Берово, Македонски Брод, Прилеп, Неготино и многу други, и се градат улици и патишта како никогаш досега. Без притоа да даде било каква компарација, бројки со друг период, друга влада или друга држава.

Манипулација број 6

Министерот вели дека до крајот на 2022 година во СДСМ очекуваат да бидат рехабилитирани меѓу 120 и 150 километри локални улици и патишта и со тоа ја открива реалната динамика на реконструкција на улиците.

Прво, срамно е што министерот не знае колку точно долги улици ќе бидат реконструирани оставајќи празен простор од дури 30 километри за кои слободно може да се сомневаме дека ќе ги “изеде помрачина” односно корупција.

Второ, Бочварски не кажува дека во наредниве 18 месеци ќе се рехабилитираат во просек меѓу 6,66 и 8,3 километри месечно зависно од тоа дали ќе се изградат 120 или 150 километри.

На дневно ниво тоа би значело дека во времето за кое Бочварски тврди дека се гради како никогаш предходно во државата ќе се поправат дупки на само 222 до 278 метри патишта.

Ако Бочварски го постигне максимумот од 150 километри за наредниве 18 месеци според трендот и динамиката тоа ќе значи дека наводниот капитален проект ќе заврши најрано во 2025 година.

Ако пак заглави на 120 километри трендот укажува дека на СДСМ ќе му требаат цели 7 години, односно до 2027 година, од почетокот на поправките за да заврши нешто што во нормална држава се прави за 24 до 30 месеци.

Претпоставувам дека министерот кој уште малку цела година го води најбогатиот ресор во владата вака зборува затоа одамна не патувал преку Маврово кон Дебар и не скинал ниту една гума на патот на кој со месеци наводно се работи а ништо не се сработува.

Зарем овој човек не патувал кон Охрид да види дека на делови од патот со месеци нема ни работници ниту машини, а на делови е изникната нова трева?

На Блаце беше, го видовме во неколку наврати. Се сликаше на двата километри пат што нормален министер за транспорт во нормална држава го прави за два месеци.

Но она што најмногу ме фасцинира е умешноста со помош на мимикрија научена од партискиот и владин шеф да кажува бројки и реченици а всушност да шири магла. И да мисли дека некој му верува.

Изворното соопштение на СДСМ и видеото од пресот на министерот скриен како шеф на партиска комисија во продолжение.

За ако имате дилеми веднаш да ви се расчистат.

https://sdsm.org.mk/pres-konferencii/29847