Митрески за руска ТВ: Не би ви било лесно со нас, оваа Македонија може да победи секого

Некогашниот македонски репрезентативец Игор Митрески ги предупреди љубителите на фудбалот во Русија, каде што настапуваше три сезони, да не мислат дека Македонија ќе ѝ биде лесен противник на нивната селекција ако им падне во мундијалскиот бараж.

„Не треба да мислите дека, ако Русија падне во баражот со нас, ќе може да смета на лесна победа. Оваа Македонија може да го победи секој противник, ја победи Германија, одигра нерешено со Италија. Во тимот сите се борат еден за друг, тие се како семејство. Во оваа фаза секој ќе игра на својот максимум. Сè може да се случи на мини-турнир. Сакаме да се пласираме на Светското првенство. Овој турнир ќе биде голем празник за земјата“, изјави за рускиот спортски ТВ-канал Мач дефанзивецот со 70 настапи и еден постигнат гол за македонскиот национален тим, како и со 85 одиграни натпревари за Спартак Москва од 2001 до 2004 година.