Никогаш нема да го забранат мислењето, не се секирајте. Барем не во нашиот век. Што ти се врти низ главата, се додека со тоа не правиш проблеми никому, а особено не на власта, си е исклучиво твоја работа. И слобода. Велат, единствената која не нашле начин како да ти ја одземат. Искажувањето на тие мисли, ломотењето, дрдорењето, сер…то е сосема друга работа. Таа слобода денеска не ви е загарантирана. Барем не колку до вчера, уште помалку до завчера. Да мрмориш под мустаќ може, да зборуваш крај евтино вино или топла ракија така и така, ама да лаеш, да се издеруваш на ТВ, пред институции и пред разни шпиони веќе е опасно и може да ти направи проблеми. Освен ако не береш цвеќе. Односно ако не си гнасен полтрон, лигав носен исцедок, платена будала пуштена да крека колку ни е убаво вака гладни, голи и боси додека овие крадат, корумпираат и продаваат држава на кило. Нација на грам.
На некој може да му изгледа чудно како било возможно пред 20 или 30 години да имало повеќе слобода отколку сега, но тоа само ќе значи дека не разбрал оти историјата знае да се враќа и назад. Клопчето токму во нашето врме се одмота до каде што можеше и сега се тркала повторно онаму од каде што дошло. Дали ќе се врати во 19 век, дали дури до шпанската инквизиција или уште подолу тоа не е јасно. Особено што знае да запре наеднаш, да се затетерави и тргнеповторно малку нанапред давајќи надеж и потоа нагло да продолжи кон бездната на човештвото од каде што и првпат изникнало. Впрочем, Наполеон не попусто рекол дека историјата е лага околу која постои консензус. И затоа нема да биде изненадување ако ова смешно, лажно патетично време на слаби карактери и лигави водачи некогаш во иднината ќе биде славено како последниот зрак на слободата пред да настапи тешка темнина.
Чудно нели. Нашите дедовци да не видат ќе не плеснат по теме со целата тешка рака на минатото и со гадење ќе не одминат, а нашите внуци ако доживееме да ги сретнеме, во нас ќе гледаат речиси божества достојни за обожување. Иако и за тоа ќе треба да бараат дозвола од тиранијата која, можеби, не само што ќе ги слуша и гледа, туку ќе е способна да ги чита и нивните мисли. Мисли речиси извесно едноставни и лесни, ослободени од суштина. Мисли непотребни. Мисли излишни. Со нас како главни јунаци во нив.
Да не знае човек дали да се радува или да плаче поради тоа. Но дотогаш, сепак да се дереме. Да викаме гневни, да урламе против сегашните тирани. За малку почиста совест ако ништо друго.
Young Protesters Protesting at the street
ФБ статус на новинарот Драган Милосављевиќ