Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски, во неговото гостување во „Патот кон“ на ТВ Алсат истакна дека овој пратенички состав нема мандат за менување на Уставот.

„Овој пратенички состав, овие пратеници никогаш не излегле пред граѓаните и да кажат дека треба да се промени Уставот, оти треба да се прифати тој француско-бугарски предлог, дека сопирачка ќе биде внесувањето на Бугарите во Уставот и оти од сето ова ќе зависи европската иднина. Затоа легитимно и најдобро е за сите вакви прашања да се излегува на избори, но тоа оваа власт не го направи.“ – истакна Мисајловски.

Тој додаде дека на таквите избори ВМРО-ДПМНЕ и останатите треба да излезат со решенија за низата проблеми, кои ги направи СДСМ во изминатиов период. „На овие избори треба да излезе и ВМРО-ДПМНЕ, но и сите останати да предложат решенија на сите овие проблеми, што ги направи СДСМ. Не е само проблемот што го направи со договорот со Бугарија, туку тука се многу други проблеми изминатиов период.“ – укажа потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Мисајловски.

„СДСМ и ДУИ згрешија, што брзоплето го прифатија договорот со Бугарија. Јас лично сум го кажал многу пати, сум учествувал во тој договор, бидејќи тогаш работев во Министерството за надворешни работи. Една од најважните причини што Македонија не сакаше да го потпише тој договор е заедничката историја. Тука е најголемиот проблем. Целата бугарска позиција секогаш ќе биде напад кон македонската историја, кон македонските војсководци и тн. Тоа никогаш нема да престане, бидејќи тоа е стратегија и доктрина и тоа ќе трае многу долго време. Со тоа брзоплето потпишување Македонија сега има големи проблеми и тоа ќе биде сопирачка во наредниот период.“ – нагласи Мисајловски.