Миовски ги „реши“ Фарски Острови

Бојан Миовски ѝ донесе победа на фудбалската репрезентација на Македонија во пријателскиот натпревар со Фарски Острови во Скопје, прв меѓусебен дуел на двете селекции воопшто.

Напаѓачот на шкотски Абердин, кој во 54. минута влезе на местото на Илија Несторовски, со прецизен удар по земја од десетина метри оддесно во 81. минута ги круниса полуконтранападот на „црвено-жолтите“ и асистенцијата на Стефан Ашковски.

За третиот стрелец во шкотската Премиерлига ова е втор погодок во 15. настап за македонскиот национален тим, кој во период од три дена прокнижи нов триумф по тој над Малта од 2:1 на стартот од квалификациите за Европското првеснтво 2024 во Германија.

Изменетиот состав на селекторот Благоја Милевски во однос на тој меч беше подобар на Националната арена „Тодор Проески“, за што зборуваат 16. упатени удари, од кои четири во рамките на голот, наспроти само четирите обиди на островјаните, од кои ниту еден во рамките на голот на Дамјан Шишковски.