Миовски „гази“: Гол и асистенција за Абердин во Лига Европа!

Извонредната форма на Бојан Миовски во почетокот од сезоната продолжи и на гостувањето во Гетеборг кај шведски Хакен, каде што Абердин ремизира 2:2, а македонскиот фудбалски репрезентативец запиша по еден гол и асистенција за гостите од Шкотска во натпреварот од Лига Европа.

Миовски прво намали на 2:1 во 75. минута, а четири минути подоцна му додаде на Ники Девлин, кој го постави конечниот резултат во првиот дуел од финалниот квалификациски круг за второто европско клупско натпреварување по ранг.


За 24-годишниот штипјанец ова е трет погодок во четвртиот официјален меч во новата сезона, откако по еднаш погоди и во поразот од 3:1 против шампионот Селтик во шкотската Премиерлига, како и во победата од 2:1 против Стирлинг Албион во осминафиналето на Лига купот.