Миовски блеска во Шкотска – пет гола за Абердин во првите пет кола

Македонскиот фудбалски репрезентативец Бојан Миовски фантастично го почна четиригодишниот договор со шкотскиот премиерлигаш Абердин, за кој во првите пет кола постигна пет гола и е прв стрелец во лигата!

Напаѓачот со шест настапи и еден погодок за Македонија во последната рунда од шкотското првенство беше двоен стрелец во триумфот на Абердин од 5:0 дома против Ливингстон, отворајќи го резултатот од пенал во 41. минута и зголемувајќи на 4:0 во 63. минута.

Претходно 23-годишниот штипјанец двапати стрелаше прецизно и против Сент Мирен во победата од 4:1 во второто коло, а еднаш погоди и во поразот од 3:2 од Мадервел во третиот круг од шампионатот.

Миовски постигна гол и во Лига купот во своето деби за Абердин, кој тогаш славеше со 3:0 против Раит.

Македонскиот центарфор во шкотскиот тим премина на 1 јули од унгарски МТК Будимпешта и потпиша договор до 31 мај 2026 година.