Министерството за одбрана и Народната Банка се две од повеќе институции кои во изминатиов период останале без снабдувач со електрична енергија. И во двата случаи, фирмите што ги избрале на тендер за годишно снабдување, им го раскинале договорот, објави 360 Степени.

Со тоа Македонија е првата членка на НАТО чие министерство за одбрана остана без снабдувач со струја.

Според информациите снабдувач на Одбрана била фирмата Енерџи Активе од Скопје, фирма која, патем, во последниве 12 месеци има над 100 договори со државни институции за продажба на струја.

„Енерџи Активе … побара зголемување на цената што беше одбиено од страна на Министерството за одбрана како спротивно на законот и потпишаниот Договор. Веднаш потоа не информираа дека ќе престанат да испорачуваат електрична енергија и го раскинаа договорот почнувајќи од 1.9.2021 година“, одговориле од Министерството за одбрана за 360.

Снабдувач со електрична енергија на Народната банка била домашната „У Повер“. Компанијата, во последнава година, има најмалку 20 договори за јавни набавки со државни институции.

Еден од двајцата газди е Арианит Џафери, инаку син на екс вицепремиерот од редовите на ДУИ, Муса Џафери. Арианит минатата недела физички го нападна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, бидејќи започна постапка за евентуално одземање на лиценцата.

Извор