Министерството за надворешни работи реагира за скршената табла со натписот на бугарскиот културен центар „Цар Борис Трети“ во Охрид само пет дена по отворањето.
„Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија најостро го осудува вандалскиот чин кој се слчучи денес, 12 октомври, во Охрид, со кој е искршена таблата на неодамна отворениот клуб. Потсетуваме дека според Уставот и според долгогодишната пракса во земјава, сите граѓани на Република Северна Македонија имаат еднаква слобода на здружување заради остварување на нивните права и уверувања. Ги повикуваме сите надлежни институции да преземат соодветни мерки за овозможување на непречено исполнување на сите човечки и граѓански права загарантирани со Устав и закон. Истовремено, го повторуваме апелот и до сите граѓани и здруженија на граѓани за зрело и одговорно однесување, со почит кон правата и слободите на другите, напоменувајќи дека мултиетничкиот карактер на нашата држава е една од темелните вредности на уставниот поредок, кое претставува право и обврска за секој од нас“, стои во соопштението.
Министерот Бујар Османи завчера на ТВ Клан го нарече провокација клубот во Охрид „затоа што овие имиња, без оглед како се толкуваат во Бугарија, овде и во светот се сметаат како историски личности кои биле поврзани со фашизмот“.
Министерството што го раководи Османи, пак, не реагира за оштетувањето на натписот на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград пред точно една седмица.