Министерот за здравство не знае дали ќе му го земат министерството

Министерството за здравство заедно со правда е еден од ресорите за кои преговара Алијанса за Албанците како услов за да влезе во Влада.

Ова министерство сега и припаѓа на партијата Алтернатива која ќе мора да го отстапи во интерес на проширување на владејачкото мнозинство.

Но, актуелниот министер за здравство, Беким Сали вели дека до овој момент нема конкретен предлог како ќе одговори неговата партија Алтернатива на оваЧ

„Сè уште немаме конкретно на маса ниту предлог за нашите позиции во владата доколку би имало проширување на мнозинството ниту, пак, кои се позициите што Алијанса ги има обезбедено од другите партнери во мнозинството и затоа не можам да коментирам ништо конкретно кои се нашите позиции“, вели Сали.

Вчера премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, рече дека сака да ја задржи Алтернатива во Владата, но ниту тој не спомена како би изгледала поделбата на ресори меѓу владините партнери.