Владата е уплашена од револтот на граѓаните и се обидува преку Собранието да амортизира и пратениците на владејачката коалиција да ги користи како алиби, како бројка за наводно прифаќање на францускиот предлог за што Парламентот нема надлежност, изјави денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
За преговарачката рамка, според Уставот, надлежен орган кој што ја прифаќа или одбива е Владата, рече поранешниот министер за надворешни работи.
Според него, сега расправата е сведена на Информацијата за содржината на предлог-преговарачката рамка, а информација, според Деловникот, е најнискиот ранг на расправа во Собранието.
„Тоа што Бујар Османи и Ковачевски немаат храброст да го објават македонско-бугарскиот протокол и да има сериозна реална дискусија во јавноста ќе биде сведено на театрална козметика во македонското Собрание, што потоа тие ќе ја искористат за она што веќе го одлучиле да кажат „да” на овој предлог, којшто сметаме дека е штетен и ќе донесе само ретроградни политички процеси и тензии за некаква историска ревизија во следните 10-15 години.
Во секој случај, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ аргументирано ќе го разобличат овој предлог и неговата штетност и ќе биде против овој театрален обид Собранието да биде искористено како алиби за она што во понеделник или вторник Владата, Ковачевски и Османи ќе кажат „да” за овој предлог“, вели Милошоски.
