Во Црна Гора утрово почнаа претседателските избори на кои граѓаните на таа земја избираат меѓу седуммина кандидати за нов претседател, а се очекува конечниот исход да биде познат во вториот круг.
За петгодишен мандат се борат актуелниот шеф на државата и кандидат на неговата Демократска партија на социјалистите Мило Ѓукановиќ, кој во повеќе мандати ја предводел Црна Гора како премиер и како претседател иако неколку пати најавуваше заминување од политиката.
Противкандидати се лидерот на просрпскиот Демократски фронт (ДФ) Андрија Мандиќ, претставникот на Социјалдемократската партија (СДП) Драгиња Вуксановиќ Станковиќ, претседателот на Демократите Алексе Бечиќ, Јаков Милатовиќ од Движењето Европа сега (ПЕС), лидер на Обединета Црна Гора Горан Даниловиќ и инфлуенсерот Јован Радуловиќ.
Право на глас на изборите, четвртите по ред во независна Црна Гора имаат 542.154 граѓани, а првите прелиминарни резултати ќе бидат објавени во 21 часот.
Според анкетите на јавното мислење, извесен е вториот круг од изборите, кој ќе се одржи на 2 април.
Анкетите покажуваат дека Мило Ѓукановиќ сигурно ќе влезе во вториот круг, а за противник се борат Мандиќ, Бечиќ и Милатовиќ.
Ситуацијата пред изборите дополнително се искомплицира со одлуката на Ѓукановиќ оваа недела да го распушти црногорскиот парламент, по истекот на рокот и неуспешниот обид за формирање влада.
Според законите на Црна Гора, парламентарните избори ќе треба да се одржат до крајот на мај. Се верува дека одлуката за распуштање нема значително да влијае на резултатите од претседателските избори.
