Милко Ѓуровски за триумфот над Германија: Сега само да не се полета

Некогашниот фудбалски репрезентативец на Македонија и претходно на Југославија, Милко Ѓуровски, ја спушта топката по грандиозниот триумф на „црвено-жолтите“ од 2:1 над четирикратниот светки првак Германија во Дуизбург во мундијалските квалификации.

„Тоа се супер момчиња, беа одлични против Германците. Да се разбереме, Македонија има добри играчи, но Германците не ме одушевија. Просто е – кога играш отворено, немаш што да загубиш“, го прокоментира историскиот успех за српски „Курир“ еден од најдобрите напаѓачи во бивша Југославија со три настапи за Македонија, пред да предупреди.

„Сега само да не се полета. Да не речеме – сега ќе бидеме први во групата. Треба да се биде мирен, да се добие и Ерменија (во септември во Скопје – н.з.). Нам Миљан Миљаниќ секогаш ни зборуваше дека првенствата не се освојуваат во дербијата, туку во малите натпревари и тоа е тоа. Тешко е да се мотивираш за тие т.н. помали натпревари. А ако и тоа се добие, тогаш ниту Мундијалот не е далеку“, нагласи тетовецот, чиј брат Бошко Ѓуровски, покрај репрезентативец, беше и селектор на Македонија, чии бои ги бранеше и неговиот син Марио Ѓуровски.

Милко Ѓуровски потсетува дека Горан Пандев и другарите налето ќе играат и на Европското првенство.

„Македонија е репрезентација што долго е заедно, долго играат заедно, одлична е атмосферата во тимот. Има таленти, време беше тоа да се види и на теренот. Изгледа дека сега добро ги водат, што порано не беше случај. А потврда на квалитетот е и пласманот на Европското првенство, кое ќе биде вистинско уживање оваа година“, додаде некогашната ѕвезда на Црвена Звезда (115 меча, 54 гола) и на Партизан (70/38), а потоа и на холандски Гронинген (71/28).