Милиони евра биле заработени во подрумот на ГТЦ од риговите каде фирма на Габриел Бајрам копала криптовалути, тврди лице кое било ангажирано таму.

Тој за МКД.мк тврди дека во магацинот на сите им било јасно дека тука има класична кражба на струја, затоа што имало човек кој бил одговорен за преврзувањето на жиците за влез на електричната енергија.


Само за риговите месечната сметка за струја би требало да биде околу 4 до 5 илјади евра, а уште толку и за накнадно инсталираната климатизација, вели тој и додава дека во овој период на двапати пријавил во МВР кражба на струја меѓутоа немало никаква реакција.

Тоа значи дека годишната вредност на потрошената електрична енергија била околу 120 илјади евра. Оваа сума, се сомневаат од Здружението на граѓани сопственици на деловен простор во ГТЦ 1973, од менаџментот на АД ГТЦ, рамноправно била распределена на нивна сметка. И тоа траело најмалку три години, се до ноември минатата година кога овој скандал беше откриен, но не и затворен со казни за сторителите.

Габриел Бајрам, советникот во Град Скопје од Сојузот на Ромите, коалициски партнер на СДСМ, на 30 јуни бил повикан во полициска станица на распит за кражбата на струја во ГТЦ и копањето на биткоини. Бајрам неколку пати бил повикуван во полициска станица, му биле испраќани покани, но не се појавувал пред службените лица. По ова по него бил распишан централен распис и на 30 јуни бил приведен и спроведен во полициска станица на службен разговор.

Бајрам беше во полициска станица за овој случај, но откако за него беше распишана потерница.

Обвинителството сега постапува по, како што велат, известување за настан добиено од МВР.