Македонското претседавање со ОБСЕ дискредитирано уште пред да започне, пишува во својата анализа агенцијата нетпрес.мк од каде даваат низа информации за процесот на подготовка за оваа важна македонска диоолатска мисија.
Презентацијата на македонското претседавање со ОБСЕ во 2023 година имаше за цел само помпезен Пи-Ар, брифираат за НетПрес дипломатски извори. Според нив, главното прашање всушност е како навистина Македонија се подготвува за оваа важна активност на меѓународен план, која што дава шанса за промоција на земјата и за имплементација на своите политики и најважните приоритети во меѓународната политика?
Неискусна екипа / (не)кредибилност на тимот на Османи
За разлика од добрите светски практики за вакви високорепрезентативни државни активности да се ангажираат најдобрите ресурси во државите (на пример Албанија, која веќе го започна својот двегодишен мандат како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН, во тимот ги вклучи најискусните дипломати со долгогодишно искуство во ОН), во македонскиот тим, претставен на прес-конференција на МНР, од 25 луѓе, само еден дипломат имал искуство со работа во Виена/ОБСЕ.
Дипломатски извори за НетПрес велат дека сите останати се тотални почетници во оваа материја, кои практично ќе учат за ОБСЕ за време на нашето претседавање. Притоа, доброупатените во дипломатијата велат дека најискусните дипломати во МНР, со големо искуство во работата со ОБСЕ, целосно се исклучени од активностите за претседавањето.
Тимот на МНР или тимот на Бујар?
Составувањето на тимот во МНР за претседавање во нашата Мисија во Виена, велат искусни дипломати за НетПрес, е проблематично. Според нив, постојат два начина како тоа може да се направи – или министерот да го искористи своето дискреционо право и да си состави тим според сопствен избор, со што би презел целосна одговорност за неговата работа, или тимот да биде формиран низ внатрешен натпревар, преку интерни конкурси, што би овозможило учество на најдобрите кандидати и би гарантирало дека најсилните кадровски ресурси на државата, градени со години, се употребени.
Во случајот била направена комбинација, при што во повеќе наврати се прекршувани прописите. За да се зачува формата, наводно била донесена одлука Тимот да биде биран на интерен конкурс, но сепак најдиректно да се влијае на неговиот состав. Нашите извори велат дека Комисијата за избор во МНР, секако по налог на министерот, незаконски исфрлувала од конкуренција одлични кандидати, без никакво објаснување, а фаворизирала кандидати без искуство во ОБСЕ, со што всушност го реализирала дискреционото право на министерот да си одбира кандидати по сопствена желба, мимо критериумите и мимо принципот на еднакви шанси, за кој толку многу зборува оваа Влада.
Чии интереси треба да ги застапува Тимот?
Според информации од брифери во дипломатијата, во желбата на секој можен начин да се состави тим по сопствена желба (а тоа да биде „покриено“ со форма на интерен конкурс), за Заменик амбасадор во Мисијата во Виена беше испратен дипломатот Миле Миленковски, кој по само кус период служба во Виена на оваа должност на 27 август, лани, врз база на црвена потерница од Интерпол беше уапсен во Србија и сеуште е во притвор во Врање. Таму е веќе петти месец. нашите извори велат дека најинтересно е што Миленковски воопшто не се пријавил на конкурсот, туку Османи самиот решил да го прати во Виена!?
Останува отворено прашањето зошто Миле Миленковски бил испратен на така висока позиција во Виена, кога нашите дипломатски извори велат дека претходно добро се знаело оти МВР водело истрага за него и бил ставен на црвена потерница на Интерпол?
„Зошто е фалсификуван конкурсот, т.е. Извештајот на Комисијата за упатување која го „одбрала“ без тој самиот да поднесе документи на конкурсот? Зошто Миленковски бил толку важен за да се кршат прописите и тој по секоја цена да биде испратен? Чии интереси требал да застапува? Државните или интересите на својот/своите „спонзори“? Дали некој ќе одговара за срамот што и е нанесен на државата со неговото компромитирање?“, се серија прашања кои чекаат одговор, потенцираат искусни дипломати за НетПрес.
Претседавањето со ОБСЕ меѓудругото има за цел да го зајакне имиџот на државата на меѓународен план, а ефектите до сега се спротивни. Долго време нашиот амбасадор во Мисијата во Виена, Игор Џундев, се правел недоветен во однос на тоа што се случило со Миленковски (а, според вработените во нашата Мисија, дури им забранил да зборуваат на оваа тема со странските колеги), па успел и да ги налути своите колеги амбасадори од неколку западни земји кога на прашањето „што се случува со неговиот заменик?“, недипломатски им рекол дека нема поим и дека подобро би било да го прашаат амбасадорот на земјата каде што Миленковски сеуште е притворен.
Тука се отвара и прашањето што се случува со несудениот заменик Шеф на Мисијата во Виена Миле Миленковски? Извори во дипломатијата за НетПрес велат дека Македонија не вложува никакви напори за негово префрлање во земјата (иако постојат правни механизми) и со тоа се стекнува впечаток дека Миленковски е „пуштен низ вода“, па дури ако треба ќе биде и испорачан на Ерменија, само да не прозбори, т.е. да ја каже вистината и евентуално да ги загрози своите „спонзори“, велат нашите информации.
Да се претседава со Организацијата која во срцевината на своето постоење го има владеењето на правото е голема чест и можност за промоција, но и обврска. Земјата претседавач треба со сопствен пример да им биде морална вертикала на останатите земји членки „од Ванкувер до Владивосток“. Со заткулисни манипулативни игри во изборот на екипата и негрижа за нејзиниот квалитет туку само за Пи-Ар-от на министерот, тешко дека македонското претседавање во вакви околности ќе биде земено сериозно. Претседавањето уште пред неговото започнување е сериозно дискредитирано, па затоа е крајно време да се консолидира соодветен професионален тим и во Мисијата во Виена и во Скопје и транспарентно да се расветлат сите околности околу апсењето на македонскиот дипломат, тогашен Заменик шеф на Мисијата во ОБСЕ и причините за негово фаворизирање при изборот. Со премолчување, Македонија е на добар пат да ја испушти шансата да ја зајакне својата меѓународна репутација и нерационално да истроши 7-8 милиони евра наменети за претседавањето во следните три години, заклучуваат на крајот нашите извори, кои се со големо искуство во дипломатијата.