Милевски: Пласманот на ЕП е сон, иако Македонија сите веќе ја гледаат низ поинаква призма, желни да ја победат

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, објаснува зошто очекува тешки квалификации за Европското првенство 2024 во Германија поради пеколната група во која за ривали ги имаат Италија, Англија, Украина и Малта.

„Пласманот на големо натпреварување е сон за секоја нација. Групата во која се наоѓаме е пеколно тешка, но истовремено е голем предизвик за сите нас. 


Италија ја победивме во Палермо, тој меч беше можеби најважниот за нив во поновата историја, а по неуспехот против Македонија, втор пат во низа пропуштија пласман на Светско првенство. Ќе бидат екстремно мотивирани да бараат одмазда против нас.

Англија е топ репрезентација, Герет Саутгејт одлично си ја врши работата со исклучително талентиран состав. Со голем дел од фудбалерите заедно работеа во младата англиска селекција и сега се гладни за големи победи.

Сепак, мора да бидеме подготвени за се што не очекува. Малта е селекција која континуирано напредува и станува конкурентен и сериозен тим. Тоа го потврдуваат нивните последни резултати.

Украина е цврст, одличен тим. Играат модерен и допадлив фудабал, без разлика на противникот. Тоа го видовме и на меѓусебниот меч на Европското првенство.

Мора да ни биде јасно дека Македонија сите противници веќе ја гледаат низ поинаква призма, желни да го победат нашиот тим. Но, за тој статус се изборија фудбалерите со пласманот на ЕП, натпреварите од квалификациите за СП, а посебно начинот на кој ги одигравме двата плеј-оф дуели за СП, победата над актуелниот Европски првак, Италија и финалето против Португалија.

Ние го разбираме тоа и така се подготвуваме. Фаворитите постојано се менуваат. Не е лесно да победиш на било кој натпревар. Видовме дека и на СП многу силни репрезентации не ја оправдаа фаворитската улога. Во денешниот фудбал ако сакаме да ја постигнеме целта, не само што е неопходно да бидеме на потребното ниво, туку и многу повеќе од тоа. Тоа треба да не води во следниот квалификациски циклус.

За мене е важно сите да бидат здрави, иако ми е јасно дека ние целосно не можеме да влијаеме на тоа. Постојано разговарам со фудбалерите за статусот и формата во клубовите. Тие знаат дека само целосно подготвени играчи можат да бидат конкурентни. За целиот овој период изградивме меѓусебна доверба, верувам дека сфативме дека сме тука еден за друг, дека тимот е над секој поединец и дека сите мора да се ставиме во функција на тимот. Останува тоа да го потврдиме на натпреварите кои ни следуваат. Нашата најголема сила мора да биде тимот“, вели Милевски во интервјуто за вебстраницата на Фудбалската федерација на Македонија.