Милески до Дескоски: Сонцето од Кутлеш е македонски симбол. Ни бил, ни ќе биде грчки

Македонскиот активист и еден од основачите на организацијата „Македонски национален совет“, Роберт Милески, му реплицира на професорот Тони Дескоски дека Сонцето од Кутлеш е грчки симбол и затоа требало „сложно да го отфрлиме и да се ослободиме од него“.

„Тони, сонцето од Кутлеш е македонски симбол. Ниту некогаш бил грчки, ниту ќе биде. Проблемот е во тоа што во спорот владеат сосема други сили. Еве, постави си едно вакво хипотетичко прашање: дали ако Македонија беше силна како Турција, на пример, ќе постоеше овој проблем?! Проблемот повеќе го гледам во тоа што ние самите се откажуваме од она што го носиме како историско бреме, неважно дали е добро или лошо.

Спорот во Хаг го добивте затоа што во Судот владееја правни, а не политички сили, инаку ќе беше поинаку, нели? Затоа немаше никаква имплементација на одлуката, ниту некаков бенефит од неа. Правото на Македонците на историски континуитет не може да го оспори никој, освен ние самите. И, за жал, тоа се случува. Не можеш да бидеш Македонец од 44-та. Ако така гледаш на работите, за брзо ќе одиме јабана и како народ, и како држава. Барем онаква каква што ја познаваме. Затоа и се роди оваа северна креатура. И затоа сега се отворија други проблеми со другите соседи. Непромислена политика и тогаш, и сега нè води кон пропаст.

Nomen est omen, драг Тони, и ти тоа одлично го знаеш“, напиша Милески во одговорот на коментарот под неговата објава на Фејсбук од членот на македонскиот тим што убедливо ја порази Грција пред Меѓународниот суд во Хаг во 2011 година.