Режисерот Владимир Милчин во интервју за Радио слободна Европа вели дека кога би режирал претстава за сегашната состојба во Македонија, тоа би било гротеска, со одвреме-навреме смеа, но со мачен впечаток на крај.

„Ми паѓаат на ум три класични македонски литературни дела. Првото е „Крпен живот“, второто е драма „Печалбари“, а третото е „Арамиско гнездо“.

Мислам дека овие три наслови од нашата класична литература одлично ја опишуваат, ја дефинираат состојбата во која ние сме доведени, со тоа што власта на коалиционата влада на Зоран Заев дефакто ја продолжи праксата на претходната, на онаа на Никола Груевски“, вели Милчин.

Според него „Македонија не е едно арамиско гнездо, таа е конфедерација на арамиски гнезда. Таа е расцепкана и во неа во една ситуација во која од социјализам требаше да се вратиме назад во капитализам за да можеме да одиме напред, ние се вративме уште чекор поназад, ние сме сега во нешто што би го нарекол капиталистички феудализам. Значи една земја, не знам дали можам да кажам држава, прашање е дали ние сме држава, која е дефакто составена од не знам колку феуди во кои владеат партиските моќници рака под рака со новокомпонираните олигарси…“