Миланскиот театар „Ла Скала“ ја отвори сезоната со операта „Борис Годунов“ од рускиот композитор Модест Мусоргски, и покрај протестите на украинската амбасада.

Претходно, според италијанскиот весник „Кориере дела сера“, конзулот на Украина во Милано, Андриј Картиш, апелирал до менаџерот на „Ла Скала“, до градоначалникот на Милано и до гувернерот на покраината Ломбардија, со предлог да се ревидира театарската програма и да не се отвори сезоната на 7 декември со „Борис Годунов“, како и да се избегнат други руски продукции, да не се промовира „никаков елемент на пропаганда“.

Но, од управата на театарот велат дека „Борис Годунов“ не е пропаганда.

„Идејата е да се поврзе ‘Магбет’ со ‘Борис’, поврзувајќи ги со злоупотребата на моќта што троши и води до лудило. Дали сакаме да го откажеме Шекспир?“, изјави музичкиот директор на театарот Рикардо Шаили.

Во јануари и во февруари театарот планира да изведе дела од Чајковски и од Прокофјев.

„Уметноста не е должна да плаќа за хаосот што се случува по 24 февруари“, додаде Шаили и им рече на новинарите дека во април во „Скала“ биле собрани 380.000 евра за поддршка на народот на Украина. Музичарите ја изведоа „Стабат матер“ од Росини.

Италијанската премиерка Џорџија Мелони, во своето прво појавување на културен настан по преземањето на функцијата, присуствуваше на гала-премиерата на која дојдоа и италијанскиот претседател Серџо Матарела, како и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Прашана за приговорот на Украинците за ставање во центарот на вниманието на руската култура додека војната беснее во својот десетти месец, Фон дер Лејен ги пофали Украинците како „фантастични, храбри луѓе“, но рече дека руската култура не треба да се меша со Путин.