Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ не бираше зборови за да го опише однесувањето на грчките власти кон хрватските навивачи, кои, според него, се заробени во Грција како да е војна по убиството на грчкиот фан пред натпреварот меѓу АЕК и Динамо Загреб.
Милановиќ додаде дека тие се третирани како да се плевел, а однесувањето на властите на јужниот македонски сосед кон нив, според него, нема врска со правото, со демократијата и со почитувањето на човековите права.
„Тоа не е правна држава. Тие луѓе се третираат како воени заробеници. Да бев премиер, ќе размислев што ќе правам. Не е едноставно. Ова е на границата на воениот закон. Тие се третираат како заробена единица“, рече Милановиќ, коментирајќи го испраќањето на хрватските навивачи во 16 истражни затвори низ Грција, пренесе хрватската државна новинска агенција Хина.
Грчката полиција уапси 105 лица, од кои повеќе од 90 хрватски навивачи, поради нередите во Атина во кои беше убиен 29-годишен навивач на АЕК. Инцидентот се случи минатата седмица кога хулигани од Динамо Загреб ги нападнаа навивачите на АЕК пред првиот дуел од третото коло од квалификациите за Лигата на шампионите.
„Можам да навлегувам во причините зошто тоа е направено сега, и зошто токму во Грција, и што Грција треба да добие од УЕФА и зошто им е важно да ја префрлат одговорноста на 100 Хрвати. Колку Грци се во притвор?“, праша Милановиќ.
Тој рече дека на грчките власти не им биле доволни ни пет дена од приведувањето на навивачите без објаснување за да идентификуваат кој е одговорен, „туку сите ги ставиле во притвор“.
„Имаш пет дена за да го издвоиш плевелот од една група луѓе, а сите ги ставаш во притвор и ги расфрлаш низ цела Грција за да бидат тепани и силувани. Одлично – тоа е ЕУ“, рече Милановиќ, според кој би било в ред петмина или десетмина од тие сто да бидат во строг притвор и дека таквото однесување нема никаква врска со владеењето на правото.
„Не можете да држите 100 луѓе во притвор пет дена. Тие пет дена ви даваат огромна дискреција да видите што се случило, а потоа тие се луѓе и наши граѓани кои имаат свои човекови права“, рече Милановиќ и оцени дека хрватските навивачи и граѓани „во Грција се третираат како плевел“.
„Тоа нема никаква врска со демократијата, со почитувањето на човековите права. Ако тоа е ЕУ денес, подобро е да не постои“, нагласи хрватскиот претседател.
Милановиќ рече дека би сакал за тоа да зборува и премиерот.
„Само јас треба да бидам тој што ќе ги каже очигледните работи. Ова е најобичен зулум“, изјави Милановиќ.