Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека ќе му наложи на постојаниот претставник на Хрватска во НАТО, амбасадорот Марио Нобило, да гласа против приемот на Финска и Шведска во Алијансата додека не се измени изборниот закон во Босна и Херцеговина.
Сепак, Министерството за надворешни работи минатата недела соопшти дека, доколку тоа се случи, Нобило ќе ги следи упатствата на Министерството, а не на претседателот.
Прашањето дополнително ги затегна веќе лошите односи меѓу Владата и претседателот, при што премиерот Андреј Пленковиќ и министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ-Радман неодамна изјавија дека Милановиќ со своите изјави го нарушува угледот на Хрватска.
„Ако треба да бидам виновен, јас сум подготвен (за тоа). Реков и претходно, Хрватите во Босна ми се поважни од целата руско-финска граница“, инсистира Милановиќ, посочувајќи ја Турција, која изрази противење на двете нордиски земји да се приклучат на Алијансата, како пример на земја која „покажува како треба да се бори за националните интереси“.
„Турција сигурно нема да попушти пред да го добие она што го сака“, рече Милановиќ, велејќи дека ставот на Хрватска е сосема спротивен и оти таа не се бори за своите интереси.
„Владата нема монопол на надворешната политика“, рече тој, додавајќи дека „Украина не е горлив проблем за нас. Ова е“.
Тој го повика Парламентот да не го ратификува договорот за прием на Финска и Шведска во НАТО. „Ќе зборувам за ова до последен момент и предупредувам дека Парламентот го има последниот збор.
Милановиќ рече дека е убеден оти одбивањето на Хрватска да го ратификува договорот ќе го сврти вниманието на меѓународната заедница кон хрватските интереси во Босна, велејќи дека тоа е единствениот начин да се реши проблемот на Хрватите во таа земја.
„Ако Парламентот не го ратификува (договорот), во тој момент ќе се појави неверојатен интерес за проблемот на Хрватска“, убеден е тој.
Во меѓувреме, министерот за надворешни работи Грлиќ-Радман ги нарече тие изјави „уцени“ и „неевропски“.
„Правата на хрватскиот народ се постигнуваат преку правни механизми, политички и дипломатски напори, а не со уцена (…). Претседателот со своите изјави го уништува нашиот меѓународен углед и предизвикува политичка штета што може да ги загрози нашите национални интереси“, рече Грлиќ-Радман.