Михајловски: Кога Урсула ти вели „се’ ќе биде како треба“

…Урсула фон дер Лајен кога беше министерка за одбрана на Германија, во септември 2018, десетина дена откако и нејзината тогашна шефица Ангела Меркел нè храбреше да излеземе на референдумот за промена на името што ќе ја внесе Македонија во ЕУ и НАТО, викаше: „Сé ќе биде како што треба“.

„Е па, требало Македонија да ги прифати бугарските националистички барања само за да ги почне преговорите со ЕУ“, пишува новинарот Горан Михајловски во редовната колумна за порталот „Сакам да кажам“

„Тоа што е запишано на хартија, тоа останува. На хартијата, тој европски документ, стои изјавата од Бугарија дека „ништо во пристапниот процес не смее да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик“. А други 26 земји-членки тоа го прифатиле како „загриженост на Бугарија“. И ставиле европски печат.

Па како да не се лутиш? Како да не си гневен, кога самата ЕУ успеа не само да ги засили аргументите на евроскептиците, туку и кај најзападно ориентираните Македонци да предизвика антизападно расположение?

Затоа што си ги спушти стандардите за почитување на основните цивилизациски вредности на нивото на најпроблематичната земја-членка, една корумпирана Бугарија, која не може да се соочи со своето мрачно минато од времето на фашизмот и ја користи моќта на другите 26 земји членки на ЕУ, во 21 век да си ги оствари империјалистичките соништа од 19 и 20 век.

Една таква Бугарија што им наметна примитивни вредности ги шашардиса – три дена туц-муц се дообјаснуваат, се извинуваат, пиши-бриши прават“ – пишува Михајловски.