„Ние сме 2.700 до 2.800 адвокати и тоа ѝ го кажавме на државата дека можеме да помогнеме и во пополнувањето на испразнетите места за судии и обвинители. Дадовме писмен предлог кој адвокат во кој суд може да биде избран.
Понудивме дури адвокатите да одат и на обука во Академијата за судии и јавни обвинители во скратена постапка. До сега немаме никаков одговор“.
Ова го вели Љубомир Михајловски Џанго, претседател на Адвокатската комора, екс министер во МВР и поранешен директор на Царинската управа во интервју за МКД.Мк.
Тој вели дека човечките ресурси се основата за квалитетен правосуден систем .
„Покрај доброто образование и перманентната обука многу важни се и личниот интегритет кој што се гради со години низ работата и она што е најважно, тоа се чесноста и професионализмот.
Како и во правосудството така и во адвокатурата имаме сличен проблем со немање животно искуство на младите кадри. Многу млади колеги отвораат канцеларии. Но најдобрите адвокати што излегле од Комората се оние кои подолг период работеле кај постари адвокати.
За „чудните случувања“ во Академијата за судии и јавни обвинители, кандидати да бидат примени на обука без соодветна диплома, Михајловски вели:
„За да полагате правосуден испит мора да имате завршено правен факултет па да имате и соодветна пракса. Ова што сега се случува најблаго речено е недоживеано досега затоа што кандидатите беа под строги контроли дали ги исполнуваат условите.
Во минатото имало кандидати кои што сме ги одбивале не поради образованието, за тоа не се ни разговарало, туку затоа што го немале потребниот стаж/пракса, да речеме за месец или два. Така кандидатите морале да ја чекаат следната сесија за да полагаат правосуден испит.
Дури потоа следува Академијата за судии и јавни обвинители. Таму повторно има филтер. Затоа велам дека е невозможно да го поминете и тој филтер без никој да не го забележи тоа. Во Адвокатската комора вршиме строги контроли дали и кој ги исполнува условите за добивање лиценца.
Документите најпрво ги прегледуваат стручните служби на комората, луѓе кои со години работата на тоа место. Потоа контрола врши Комисија составена од Управниот одбор и од Собранието на адвокати по што се полага испит за добивање лиценца“., објаснува Михајловски.
