Мојата критика за договорот од Преспа не се однесуваше на името, се однесуваше на македонскиот јазик и македонската етничка припадност и продолжувам да верувам дека ова е голема грешка, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за грчката телевизија „Антена“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Мицотакис објаснува дека „овие грешки не можат да се излечат“ и истакнува дека сега Грција се стреми кон добри односи со Македонија.

Тој истакна дека треба да започне пристапниот процес на земјава во Европската Унија, бидејќи преку тоа Грција „ќе има можност да притисне за спроведување на договорот и да се излечат евентуалните слабости онолку колку што тоа го дозволува правната рамка“.

Мицотакис вели дека е целосно доследен во однос на ставовите за Договорот од Преспа изнесени пред Нова демократија да дојде на власт, објаснувајќи дека за него ќе беше многу лесно и политички корисно, ако предизборно велеше дека ќе го поништи договорот.

„Не го сторив тоа бидејќи сум сериозен политичар и многу добро знам дека договорите не можат да се променат“, рече грчкиот премиер.