Ако договорот од Преспа не биде изгласан од грчкиот парламент, тогаш преговорите почнуваат од почеток, порача лидерот на опозициската грчка партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.
Тој пораката ја упати за време на неговиот говор на 83-от Меѓународен саем во Солун, при што уште еднаш истакна дека неговата партија во Парламентот ќе гласа против договорот, било во овој или кој и да е друг состав на законодавното тело.
„Тешка сенка паѓа врз Северна Грција, тоа е Договорот за скопското прашање кој го потпишаа во отсуство на грчкиот парламент, во отсуство на грчкиот народ господата Ципрас, Коѕијас и Каменос. Договор на срамот“, истакна Мицотакис и додаде дека уште посрамен е обидот на актуелната грчка влада „да ги карактеризира како радикални десничари оние кои излегуваат на протести“.
Додека Мицотакис говореше за Договорот од Преспа, присутните во салата на Меѓународниот саем, на неколку пати го прекинаа со силни аплаузи.
Изјавата на Мицотакис не е целосно во согласност со изјавите на неговите колеги од ЕУ дека ако пропадне референдумот во Македонија, а со тоа и договорот, вратите на ЕУ ќе се затвореле за ова прашање.