„Треба веднаш да се тргне во процес на апликација односно затворање на тие клубови бидејќи македонскиот клуб што беше отворен во Бугарија веднаш реагираше бугарската држава и го затвори.
Така што не треба да се чека и не треба да се одолговлекува и треба веднаш да се отпочне со затворање на овие клубови кои што се отворени на нашата територија“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за „Република“.
Тој потсети дека токму неговата партија преку пратеничката Рашела Мизрахи ги иницираше измените.
Причина зошто власта треба да ги затвори сите бугарски клубови е како мерка на реципроцитет, бидејќи Бугарија го затвори македонскиот клуб во Благоевград.
„…Ако Македонците во Бугарија не можат да имаат свој македонски културен клуб, каде што културно ќе се организираат, ако Македонците во Бугарија не можат да ги уживаат своите права кои што се резултат на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур, јас не гледам уште една причина зошто овие 1.500 граѓани на Македонија кои што се декларираат дека бугарскиот јазик им е мајчин јазик да имаат таков клуб и да се организираат во Македонија“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски додаде дека овие денови СДСМ се обидува да дефокусира, да измислува невистини за ВМРО-ДПМНЕ и за него.
„Затворањето на клубовите бугарски во Македонија не е причина зошто некој бил соработник или не бил соработник со ваков или со таков. Туку е политички реципроцитет“, вели Мицкоски.
