Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од Ваташа порача дека стрелањето на 12 младинци од Ваташа не треба никогаш да го заборавиме.

„Денеска е посебен ден овде за Кавадарци и за Македонија и за жителите на Ваташа. На ѕверски начин овие 12 младинци се убиени од страна на бугарскиот фашистички окупатор за време на Втората светска војна…

Јас сум свесен дека денеска голем дел од луѓето кои што се активни на политичката сцена во лов на сопствена политичка кариера и ден повеќе да бидат активни во политиката подготвени се дури и ваквите моменти да ги заборават, да ги избрусат, како што тоа го правеа многу пати во минатото со брусење на некои други хералдички знаци кои што се дел од македонското минато.

Но, меморијата на овие луѓе никој не може да ја избруси, таа е вечна и таа се пренесува од колено на колено, од баба на внук, од генерација на генерација. Фактот е еден, а тоа е дека бугарскиот фашистички окупатор стрелаше овде во Ваташа 12 младинци“, рече Мицкоски и порача „Слава им и никогаш да не заборавиме“.

На денешен ден, на 16 јуни 1943 година, пред 80 години, за време на Втората Светска Војна, беше извршен масакр врз дванаесет млади Македонци од кавадаречкото село Ваташа.

Со цел да се спречи народно-ослободителното движење во Македонија, бугарскиот фашистички окупатор во близина на Моклиште кај месноста Чаир, на 12 километри од Ваташа стрела 12 млади Македонци од селото Ваташа, кавадаречко, на возраст од 15 до 27 години возраст.

Колежот го извршила бугарската воjска и полициски одреди, под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија. Апостолов по потекло бил од Крива Паланка.