Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот роденден на Унијата на млади сили на партијата ја обвини власта дека ја поврзува опозицијата со црната листа на САД само за да си го поправи рејтингот но според Христијан Мицкоски таа пропаганда нема да помине затоа што
ВМРО-ДПМНЕ ги почитува стратешките интереси на стратешките партнери но во исто време се бори за националните интереси на Македонците.
“Заедно со ЕУ тоа се системите кон кои ние единствено се стремиме, но воедно тоа не значи дека немаме право да ги почитуваме и да се бориме за нашите македонски национални интереси кои се нашиот базичен темел, наше право и долг кон Македонија. Таа борба за мене е завет”, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во врска со извршната наредба на американскиот претседател Џозеф Бајден за ставање на црна листа на САД на сите кои се против Преспанскиот Договор.
Мицскоски, во обраќањето на 30 роденден на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПНЕ која се одржа во античкиот театар Хераклеа, говореше обидот ценат листа на Бајден да се поврзе со опозициската партија но не и со корумпираната власт.
„Гледам во изминативе неколку дена почна еден чуден вештачки натпревар во дел од медиумите, за тоа кој бил со едните или кој бил со другите. Па дури и дел од оние пара-аналитичари почнаа да ни редат и зборови во уста, па тие самите да пишуваат некаква црна листа. И нормално во вештачкиот лажен амбиент создаден од лажните кујни на власта на прво место им е ВМРО-ДПМНЕ па 10 празни места, демек тоа е тоа. А делот во одлуката на претседателот Бајден каде јасно кажува дека се однесува и на корупција и криминал која се знае дека е широко распространет, стимулиран и заштитен од власта, не кажуваат ниту збор. Нема толку хартија, колку што има криминалци и корумпирани политичари во власта за таа црна листа“, рече Мицкоски.
Мицкоски објасни дека причина за поврзувањето на оваа црна листа со ВМРО-ДПМНЕ е рејтингот на владејачката партија, кој според анкетите се намалувал.
„Па драги пријатели, да ви поставам неколку прашања и самите ќе си дадеме одговори. Кој го потпиша договорот за Стратешко партнерство со САД? ВМРО-ДПМНЕ. Кој донесе визна либерализација? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Кој доби договор за стабилизација и асоцијација? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Кој доби десетина препораки за почеток на преговори со ЕУ и заштитени национални интереси? Повторно ВМРО-ДПМНЕ. Епа, ова е најдобриот демант на тезите на домашните пара-аналитичари кои сами прават некакви црни листи во името на Зоран Заев“, рече Мицкоски кој ја обвини власта дека со „ограничување на слободата, диктирањето на тези преку пара-аналитичари и со силно присуство и замешателство на државни полициски структури создава лажен амбиент во кој бранењето на националите интереси треба да биде нешто што е погрешно“.
„Оваа наша генерација се соочува со истите предизвици на тие кодоши кои што кон крајот на 19-тиот век ги кодошеа комитите и Илинденците, на тие полициски удбашки душкала кои што секогаш беа помеѓу Македонците патриоти во дијаспората за време на поранешната држава и на почетоците на создавањето на ВМРО-ДПМНЕ, кои што стенограмски известуваа од состаноците на партијата, на новата национална партија ВМРО-ДПМНЕ. А, денеска имаме такви полициски инсталации на седниците на состаноците на општинскиот комитет кои што снимаат, слушаат и преслушуваат. И само две прашања имаат задолженија да ги постават и на мене и вам, а тоа е: Што направивте ние, додека Заев ја продаваше Македонија? И што направи ВМРО-ДПМНЕ во опозиција во услови на хибриден режим?“, рече Мицкоски, кој најави дека на 16 јуни ќе објави пресврт.
„А, што ќе направи ВМРО-ДПМНЕ, како ВМРО-ДПМНЕ ќе се проектира наредниот период, и каква сила ќе бидеме ќе видите многу скоро, почекајте – 16-ти јуни е датумот. 16-ти јуни е вистинската најава за пресврт, за еден голем новитет, во пресрет на одбележување на формирањето на нашата партија од Охрид ќе го соопштиме нашиот новитет. На посебен настан“, изјави Мицкоски кој на присутните им порача да го запаметат слоганот кој вечервва го промовира УМС по повод 30 роденден „Ние сме иднината”.